Свемирни – Кристина Павлеска

Твојата слабост,

гради колиба,

на моето колено,

таму ми носиш китки,

букет бакнежи,

грстови, грстови насмевки,

никој да не знае,

на моето колено бела планина,

твоите бакнежи јулско сонце,

и кога најмногу ќе застуди,

едно место најсилно грее,

и кога душава ми зоврие,

од едно место дува ветре.

Kога сама бегам и отуѓувам,

едно место во себе прегрнувам.

Кога паѓам надолу,

има на што да се задржам,

кога летам нагоре,

има од што да отскокнам,

се што ми треба,

една дланка сите вселени,

и сонце во зима,

и месечина во мрак,

и цвет во пепел,

и сред ќорсокак знак.

Само едно клекнување е полет,

само кога одиш надолу,

да ми бакнеш колено,

тогаш се качуваш на врв,

само така се љуби месечината полна,

највисоко на свемирот горе,

таму свемирни.

Таму душите мирни.

Автор:
Кристина Павлеска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?