Тргнавме по патот кој го газевме секој ден,
последен пат да те испратиме сите заедно.
Солзите се редат, а седат длабоко во очите,
не се срамам, но ги чувам скржаво само за себе.
Облаците тмурни го зацрнија небото,
дождот паѓаше и го чистеше асфалтот.
Темнината се спушти до нашиот поглед,
а во нас дупка како бунар без дно.
Чекор по чекор го освојувавме патот,
но никој не сакаше да стигнеме до целта.
Баравме патче да скршнеме за момент,
душата гореше и пак извираа солзите.
Препреки на секој чекор, но ги поминуваме лесно,
некоја чудна сила се појави во сите нас.
Одиме напред и рушиме сè пред себе,
но сакаме назад за да го вратиме времето.
Од далеку волците почнаа да завиваат,
за пат далечен и тие се подготвуваат.
Знаат ли дека онаму каде тргнавме,
за некого веќе назад враќање нема.
А јас барам прошка, ако згрешив нешто некогаш,
знам доцна е, но душата тоа го бара.
Овие солзи што веќе слободно течат,
говорат многу и знај вечно ќе ми недостигаш.
Автор:
Дејан Михајловски