Таму каде што сонцето вечно сјае

Кога треба да набројам три работи кои совршено би ја опишале мојата земја, за жал моментално и првично што ми паѓа на памет се „трите Н“. Односно во превод: непотизам, неправда и нерамноправност. Се обидувам да се сетам на некои позитивни „епитети“ кои би ја опишале совршено мојата Македонија, а да не се работи за природни убавини, но ми оди тешко.

Кога сме кај природните убавини, Охрид и Охридското Езеро се нашиот бисер со кој можеме да се пофалиме. Следуваат националните паркови Маврово, Галичица и Пелистер, Преспанското Езеро, Дојранското Езеро, голем број на водопади, планини, убавата клима. И уште многу други дарови од природата кои имаме можност да ги посетиме и да уживаме во нив.

Зошто прво ми текнува на „трите Н“, кога со сите сили се обидувам да гледам на позитивната страна и да пронајдам зрно светлина и во мрачната темнина говори фактот дека толкав оптимист како мене полека го губи трпението. Но, за некого е ноќ и црна темница и додека е дење. Би излажала кога би рекла дека тоа не ме погодува. Би излажала кога би рекла дека во Македонија (или по ново Северна Македонија) сите можат убаво да живеат без грижи и да имаат лагоден живот.

Не можат сите да си дозволат патување надвор од земјата секој втор или трет викенд до соседните земји или подалеку. Не можат сите да си дозволат дури ни еден одмор кој не е подалеку од нашата држава. Во најкратки црти: немаат сите еднакви услови за живеење. И тоа не е праведно според мене. Покрај тоа, немаат сите исти плати и финансиски приходи како што немаат сите исто ниво на образование. Тоа донекаде е и природна хиерархиска поделеност. Меѓутоа нерамноправноста се состои што многу од оние кои имаат завршено високо образование или не се вработени или работат нешто што не им е по струка за минимална плата, додека оние кои едвај завршиле средно можат да се најдат преку ноќ на висока позиција. Каде е тука правдата?

Некој што се снашол подобро, а не е квалификуван како некој кој вложувал во себе да има предност пред другиот поради тоа што „имал врски“ и „познаници“ кои му помогнале да се вработи. Мојата фрустрација не произлегува само поради мојата невработеност. Не важи за сите она „младите бараат работа, а молат Бога да не најдат“, туку „младите молат и едвај чекаат да работат, но се откажуваат затоа што изгубиле надеж и нерви да се обидуваат кога ниеден нивен обид не бил успешен“.

Ја сфаќате иронијата во тоа кога бараат „кадри“ со минимум една година работно искуство, а не дават шанса тоа искуство да се стекне. Ниту преку практична работа или платена пракса. До кога вака? Сè додека и последниот „надежен“ невработен млад човек не ја напушти земјата каде вечно сонцето сјае. Кога зборувам за непотизмот како еден од „трите Н“, јасно ни е на сите што се случуваше изминативе месеци. И не само сега или лани, туку и сите претходни години и сето тоа го замижуваме.

Не се обидувам да ја поставам политиката како „главен извор“ на овие појави кои ги нареков „три Н“, туку врз нивната појава влијаат уште многу други фактори. Политиката е само еден неизбежен „дел“ од секое владеење во општества каде што постои демократијата. Не можеме за сè да ја обвинуваме неа. Но, можеме и имаме сто процентно право да бидеме незадоволни од водењето на политиките на нашите политичари како и од нивната поставеност. Како и односот со граѓаните кои им дале доверба и ги избрале за „водачи“.

Значи, за да се променат „трите Н“ односно за целосно да исчезнат потребни се големи промени. Така ни функционира системот сега и затоа сме „развиени“ колку што сме. За жал уште не можеме да кажеме дека сме развиена земја. И сè додека не се направат круцијални промени во системот, и првично „трите Н“ не се сведат на минимум или исфрлат целосно, ние нема ниту да одиме напред. Ниту ќе можеме да се пофалиме дека сме развиена земја. Не смее да биде оправдување „така ни функционира системот“. Туку нужно е системот да се промени, колку е можно побрзо.

Не „алудирам“ на моменталната политичка состојба затоа што политиката е строго забранета тема на нашиот блог, но неизбежно е нејзиното спомнување затоа што изгледа дека кај нас, таа е вмешана во 90% од сите општествени сфери. И да, тоа треба да се промени! Кога ќе се вработат минимум 3000 луѓе без партиска книшка, тоа е еден знак дека СИСТЕМОТ почнува да се менува.

Накратко, државата во која вечно сонцето сјае уште нема видено топли и целосно сончеви денови. Зошто? Затоа што изгледа сонцето нешто ни се налутило, а летото само што не пристигнало. Додека го пишувам ова надвор грми, а и врне. Па се прашувам што ли му згрешивме на нашето сонце?

Што и да му било згрешено, време е да му се извиниме и да му побараме прошка затоа што без него не бидува. И за крај: „проблемот“ околу невработеноста за кој може да се пишува на долго и на широко не е од вчера. Не е од вчера и не може преку ноќ да се реши. За тоа треба трпение, време што е многу јасно. Но исто така потребни се и одговорни луѓе кои ќе речат СТОП на бројните неправди речиси во сите сфери.

Потребни се луѓе кои ќе кажат стоп на нерамноправноста, непотизмот, сиромаштијата, невработеноста, неорганизираноста, големата несреденост во многу општествени области. Ќе ја намалат неразвиеноста, неангажираноста, неактивноста и слично. Потоа конечно ќе се ракуваат со ПРОМЕНИТЕ кои ќе се обидат да ги воведат и реализираат. Сето ова чекор по чекор.

Дотогаш, спречете ја „разочараноста“ кај младите колку што е можно побрзо. Бидејќи како што изгледа, земјата на херои и јунаци, борци и сите наши предци кои ни ја оставиле да ја чуваме, ќе остане земја каде што живеат само пензионери.

До следно. На здравје паузирање!

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?