Светот ги крши сите, но во крајна линија излегува дека некои се појаки на скршените места

За денешниот текст одлучив како наслов да ја употребам оваа мудра мисла кажана/напишана од големиот Ернест Хемингвеј. И не е тоа сосема случајно, секако. Многумина од нас кои некогаш биле „скршени“ или пак сè уште се на некој начин, можат во целост да се согласат дека токму тие „скршеници“ ги направиле посилни.

Знам дека не било лесно ниту некогаш некому ќе биде лесно кога се чувствува скршено. Знаете дека не се мисли целосно на физичка повреда туку на некаков метафоричен начин се изразува психичката состојба и менталните препреки и ограничувања кои едно општество може да му ги нанесе на поединецот. Но и останатите околу него како и условите и средината во која живее. Јас би рекла дека не е важно колку пати светот или животот ќе проба да нè скрши туку дека многу е поважно колку пати ќе се извлечеме. Како ќе направиме раните целосно или делумно да ни оздрават, за да можеме да продолжиме понатаму. Не е воопшто едноставен процес, ќе се согласите.

Ранетиот лав е најопасен

Постојат безброј начини што можат да доведат ние да се скршиме. Но, позитивната страна на приказната е дека постојат исто толку начини за ние да се спротивставиме на ситуацијата и да не дозволиме таа да ни го уништи животот. Раните прават ние само да бидеме посилни и да зајакнеме уште повеќе. Велат: „ранетиот лав е најопасен“, а јас не би можела повеќе да се согласам. Убедена сум дека сите кои некогаш биле ранети во своите животи и ја согледале целокупната слика од здрава оддалеченост односно се обиделе да разберат што точно се случувало, единствено што можат е да кимнат со главите во знак на одобрување. Затоа што раните оставаат белези.

Можеби не секогаш толку многу видливи, но оставаат значајни и моќни траги. Посебно душевните рани. Ех, тие се најдлабоки и најтешко се закрепнува од нив. Кога сите луѓе би знаеле колку можат да допрат длабоко нивните зборови, можеби и повеќе би ги бирале пред да ги упатат некому. Не е секогаш лесно да се најдат вистинските зборови, посебно кога сте нападнати. Уште потешко е кога сакате да го браните ставот затоа што сте убедени дека сте 100% во право и вистината е на ваша страна. Најтешко е кога соговорникот е многу тврдоглав. Сè што треба тогаш да направите е да останете смирени и да вдишете длабоко за да си дозволите доволен проток на кислородот во крвта за да ја намалите нервозата. Така ќе имате доволно време да смислите како ќе му одговорите на оној кој ве напаѓа.

Сопствениот мир е едно од најскапоцените невидливи нешта што го поседуваме

Вака теоретски изгледа многу лесно и едноставно, во практиката е малку потешко отколку што може да се претпостави. Во состојба на лутина, гнев и бес ретко кој го почитува правилото „пред да кажеш нешто барем изброи до десет“. Па честопати после кавгата се каеме за зборовите кои излегле од нас. Како и оние кои не сме ги кажале, а мислиме дека требало. Сите околности кои доведуваат до пречки можат да претставуваат потешкотии кои негативно влијаат врз нашата добросостојба. А, кога нашата добросостојба е нарушена тогаш раната почнува да боли, да пецка, чеша и да нè тера да се чувствуваме мизерно. Следствено доаѓа да ни биде нарушен мирот. Верувајте дека покрај доброто здравје нема ништо повредно и позначајно од сопствениот мир.

Никогаш не е предоцна за ова да го сфатите. Верувам дека на секој еден му е важно да има мирен и спокоен ден, а со тоа и живот. Немојте да бидете оној кој си го отежнува сопствениот мир поради негативни мисли. Јас сум поборник на идејата дека во секоја ситуација колку и да е таа негативна и лоша треба да се обидеме да извадиме барем едно позитивно нешто, колку и да изгледа безначајно тоа „нешто“. Затоа што на тој начин одма ни се менува перспективата. Потоа почнуваме поинаку да гледаме на пречките и различно реагираме на работите што ни се случуваат, а и начинот на кој ги доживуваме. 

Многу е важно како реагираме на нештата што ни го исполнуваат секојдневието. Подеднакво важно е да имаме позитивни мисли и да не дозволиме тие да „одлетаат“ во негативните и црни тунели на мракот, несигурностите, јадежот, горчината, болката, нетрпението, немирот….Вие ги насочувате вашите мисли и вие треба да бидете нивни господари. Тие треба да го следат вашиот тек исто како што вие го следите нивниот. Вие им „диктирате“, а тие постапуваат според ваши наредби и така ве носат по позитивната и правилна патека. Речено е дека: „какви ти се мислите, таков ти е и животот“. Мислам дека во голема мера ова е точно. Бидејќи нас секојдневно во нашиот ум ни поминуваат/прелетуваат стотици и илјадници мисли за кои некогаш сме целосно несвесни.

Со кои мисли ќе заспиеме е подеднакво важно како и “какви ни се самите мисли“

Навечер кога ќе легнеме на крајот од денот тие се последното нешто со кое тонеме во сон. Затоа тие треба да бидат колку што е можно попозитивни, затоа што на некој начин дејствуваат врз квалитетот на сонот, а и нè мотивираат за будење во следното утро. Не е ни чудно што луѓето во депресија тешко стануваат од кревет и голем дел од времето го поминуваат во спиење, бидејќи мислите им се крајно негативни тие не си дозволуваат да си помогнат и да дозволат мислите да им бидат „придвижувачи“.    

Позитивните мисли ќе ви помогнат полесно да се носите со „раните“, а вие и во моментов успешно се носите со сè што ви сервира животот. Тоа е така бидејќи сте борци и главни јунаци во вашиот роман, затоа што не дозволувате ниту една рана да ви застане на патот. Од нив можете само да научите важни животни лекции кои некогаш дури и ќе ги примените или ќе им ги пренесете на останатите.

Верувајте во себе, затоа што лично јас покрај илјадниците рани никогаш нема да дозволам да ја изгубам вербата во себе. Ви го предлагам тоа и вам. Сум природен „војник“ кој успешно војува низ битките што немилосрдно му биле испречени на патот. Секој ден е еден нов предизвик, а ние сите успешно се снаоѓаме во предизвиците. Затоа што тоа е доблест на ранетите – тие никогаш не се откажуваат. Без оглед на тоа колкупати светот ќе се обиде да ви нанесе рана, вие исправете се гордо и речете: подготвен/а сум да го поднесам и ова, затоа што и тоа ќе помине.

На здравје паузирање!

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?