Вашиот глас

Школки во песокот – Јована Јаневска

Ни треба многу вода, за да ги потопиме мислите.

Да ги испереме душите.

Ни треба вода, за да ги исплакнеме очите од нечистите неправди на светот.

Ни треба море, за да ни го исполни срцето со солени бранови надеж за уште некое изгрејсонце.

Нечие срцево дно е длабоко.

Длабочините се клетва, ако општеството свикнало да плива површно.

Понекогаш големата вода нѐ исфрла на туѓи песоци, па како расеани школки се прилепуваме за она што би нѐ одржало во живот.

Слика од детството.

Слика од домот.

Споменот од сопствената земја.

Понекогаш звукот на брановите,

кој се наоѓа точно помеѓу тишината и ветрот,

нѐ потсетува дека внатрешниот мир е поважен од секоја следна амбиција.

Бродови и галеби.

Кајчиња и лебеди.

Мирис на вода.

Мирис на сол.

Допир од бел, врел песок.

Допир со далечни хоризонти.

Непознати видици.

Животот е како денот.

Од изгрејсонце, до зајдисонце.

И дали некој некаде брои и запишува уште колку ни останале?

Црвени зраци и палуба.

Портокали и бела чоколада.

Зајдисонце.

Закотвување на сидрото онаму каде се чувствуваме сигурно.

Во сопствената душа.

И во уште неколку срца.

Автор: Јована Јаневска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје