Врата, зад неа… тропот на моите каубојки. Оддекнува до сепарето пред кое заносно танцуваш. Подиумот со црвена пастела страшно ме потсети на филмот Кабаре од времето на Лиза Минели. Твојата сенка се преплетува со тебе, мислите пак… одлутале во воздухот. Пурата гори, но гори и фениксот во мене. Вискито дванаесет годишно повремено ја изобличува сликата. Знам, така е оти е старо…
Тивки ноти од клавирот уште повеќе го разгоруваат и потчинуваат духот кој како од рајот пробува да излезе од мојата душа. Да врисне и каже… ТИ!, која не дозволуваш да поминам тивка вечер во градот на брановите. Брановидно те гледам, посакувам.
Се губиш, па појавуваш… ТИ!, која играш со мене како ролеркостерот пред кабарето во тивкиот дел од градот.
Врата, зад неа… допир по допир, како со прсти на глина си играм со твоето тело во V.I.P делот зад бината… редот е на мене, зар не? Дур препуштена, веруваш на мојот ум. На кој и самиот не би верувал.
Клавирот се стишува, светлото црвено пак постана црно. Тешките сомотни завеси го надвиснаа подиумот со разиграна прашина околу нив осветлена од онаа малку светлина. Играта привршува и како олуја оставаш неред зад себе…
Замислен ја зауздувам сликата која пробувам да ја наредам како илјадатна сложувалка. Додека останувам сам со чадот, потонувам во брановите на крајбрежјето. А ТИ! исчезнуваш…
Љубител на зборот, надреално пишан и кажан. Кој спокој бара во несекојдневието и природата.