Колкава е силата што еден човек ја крие во себе? Ха, тоа е едно прашање со голема длабочина. Не драги читатели. Не сме свесни ние самите, колкава сила се крие длабоко во сите нас. Нема да дознаеме сè додека не бидеме приморани да застанеме силно пред она што ни се заканува со пеколна болка. Ве разбирам. Мислиме дека не можеме да го поднесеме она што доаѓа, сè додека тоа да не дојде толку блиску, што ние сакале или не, ќе мора да му погледнеме во очи.
Сè до оној миг кога едноставно ќе морате да се соочите со болката. Kога ќе морате да го видите нејзиното лице, кога здивот на тој предизвик, навидум страшен. ‘Ќе го почувствувате во вратот, не знаете колку сте всушност силни. Но во тој миг веќе ќе бидете свесни дека ве очекува борба и ако не сакате да загубите, ако не сакате да паднете на тој животен тест, ќе мора да се соочите со сето тоа. Ќе мора да ги издржите грмотевиците, мрачните денови и дождовите што ќе отворат многу рани во вашето битие. Но тогаш кога ќе дојдат тие денови дали вие ќе видите некое друго решение освен да се борите и да го извлечете најдоброто од тој предизвик па и од болката?
Или пак случајно да не помислувате да избегате онака кукавички? Да не мислите да ја наведнете главата и да дозволите таа болка да ве опседне, да ве уништи, да ви ги уништи тие прекрасни, шарени крилја? Случајно навистина да не помислувате да трчате што подалеку од тој проблем, таа болка, за да се спасите без борба? Немојте ве молам. Зарем мислите дека нема да ве стигне никогаш повторно?
Зарем навистина мислите дека судбината е толку наивна и слепа?
Зарем само ќе му молчите на животот и ќе дозволувате сè да поминува некако покрај вас, а вие да бидете недопрени од сето тоа? Зарем само ќе егзистирате без вистински да живеете? Па немојте. Не се плашете да почувствувате ниту болка, ниту среќа со изговор дека среќата брзо минува и дека сè што е убаво кратко трае. Не, немојте такво нешто да помислувате.
Не, нема бегство, нема откажување ниту кога е најтешко, нема сè да оставите туку така, без својот потпис да го оставите на тој животен ферман. Нема. Зграбете ја болката, погледнете ѝ во очи, насмевнете се и правете план за победа. Дозволете таа болка длабоко да ве рани, ох, паднете што може подоле. И потоа што? Потоа се разбира дека ќе станете. Ќе се исправите, ќе ги повиете рацете, срцето, душата и со широка насмевка ќе кажете: ,,Животе, сакам уште дојди да си ги измериме силите”, ќе се победите и самите себеси. Ќе го издржите она за што сте мислеле дека не можете ниту да го помислите,а не пак да се борите против тоа и да победите. Ќе видите колку всушност сте силни луѓе. Ќе се искачите на оној пиедестал кој малкумина можат да го освојат поради стравот од болката.
Зошто да не, кога можете да ја ,,набилдате” вашата душа? Кога веќе животот ви дава тест, кога ви дава лекции, зошто да не бидете најдобриот ученик?
Животот е професор, па ти биди најдобриот ученик.
Автор: Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.