Душава ми е океан
во кој бескрајно пловат
сите радости и таги,
каде се потонати сите надежи
што ми е страв гласно
да ги изговорам.
Очекувањата водат кон цунами
сведени се на минимум,
овозможуваат да пливаме
по мирна вода без бранови
за да не се удавиме
ниту исплашиме.
Душава ми е небо
на кое милион ѕвезди трепкаат,
меѓу нив најсилно свети мојата
што ми го осветлува патот,
таа е моја водилка,
што ќе блеска вечно.
Душава ми е виножито,
кога сонце се смее и небо плаче
во неа се прегрнуваат моите ангели
заедно со демоните
и започнуваат меѓусебен танц
кревајќи шарени знаменца.
Душава ми е градина
засадена со цвеќиња и билки,
по нивниот мирис ќе ја препознаеш
во неа ќе се пронајдеш и осознаеш,
оти не дозволувам да овене
тоа што цвета во мене.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.