На денешен ден е роден Кочо Рацин

На 22 декември 1908 година во Велес е роден Кочо Рацин (Коста Апостолов Солев), македонски поет и револуционер кој е еден од основоположниците на современата македонска литература.ште во детството ја запознава сиромаштијата. Неговиот татко, грнчарот Апостол, не можел да му пружи којзнае какво школско образование, бидејќи грнчарскиот занает и состојбата на семејството барале многу напори и време за малечка заработувачка.

Кочо можел да добие одвај еден клас нижа гимназија и веќе на својата тринаесетта година бил присилен да му се посвети целосно на татковиот занает. Коста Рацин имал две сестри, Деса Солева и Грозда Солева и тројца браќа Александар Солев, Димко Солев и Никола Солев.

Рацин започнува да пишува поезија во 1928 година. Од февруари до јули на својата љубов Рахилка Фирфова ѝ ги посветува своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис.

Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Неразјаснетата смрт 

Според официјалната верзија за неговата смрт загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница на Лопушник во Кичевско на 13 јуни 1943 година. До денеска не се разјаснети околностите на неговото умирање иако историчарите имаат нивни верзии што се случувало во тој кобен ден и не е исклучена веројатноста дека бил убиен.

Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес, каде што се родил на 22 декември 1908 година.

Во чест на Кочо Рацин од 1964 година во Велес се одржува поетската манифестација „Рацинови средби“, која од 1992 стана поетска манифестација на балканско ниво.

Родната куќа на Рацин во Велес во 1956 година е претворена во спомен-музеј.

Во негова чест повеќе основни и средни училишта го носат неговото име.

Студентскиот дом во Битола го носи името „Кочо Рацин“.

Центарот за култура во Кичево го носи името „Кочо Рацин“.

Центарот за култура во Кочани го носи името „Бели Мугри“ во чест на неговата единствена збирка-поезија.

Во Хрватска, секоја година се одржува манифестацијата „Денот на Рацин“, со пригодни чествувања во Загреб и Самобор.

Секоја година, во недела, околу датумот на неговото загинување, 13 јуни, на планината Лопушник, се одржува планинарски марш во негова чест „Цвеќе за Рацин“ во организација на ПЕД „Ендорфин“ и ПСД „Бистра“ од Кичево.

Иако Рацин користел неколку псевдоними во текот на својот живот, неговиот најпознат е „Рацин“, по неговата прва љубов Рахилка „Раца“ Фирфова Ѓоргова. Рацин во текот на својот живот испратил точно 34 картички до Раца (од кои 7 се изгубени), а во една од нив, од 6.10.1928, напишал:

Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе, “Антологија на болката”, и мое портре, ако побараш, капка крв од моето тело и душа – веќе имаш… Прости ми или проколнувај – сеедно. Едно само жалам: Што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови или барем нивната трага со мастило.

Во негова чест ја споделуваме една од неговите најубави песни:

Ленка

„Билјана платно белеше…“

Откако Ленка остави

кошула тенка ленена

недовезена на разбој

и на наломи отиде

тутун да реди в монопол —

лицето ѝ се измени

веѓи паднаја надолу

и усти свија кораво.

.

Не беше Ленка родена

за тија пусти тутуни!

Тутуни — жолти отрови

за гради — китки розови.

.

Прва година помина

грутка в срцето ѝ легна,

втора година намина

болест ја в гради искина.

Трета година земјата

на Ленка покри снагата.

.

И ноќе кога месечко

гроб ѝ со свила виеше.

Ветерчок тихо над неа

жална ѝ тага рееше:

„Зошто ми, зошто остана

кошула недоткаена?

Кошула беше даровна…“

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?