Љубов осудена на пропаст

Доцна е, навистина е доцна за сега да покажуваш љубов. Зарем требаше толку многу труд и долги години за да сфатиш дека сепак љубовта што јас ти ја подарив ќе можеш да ја засакаш еден ден? Зошто сега вака ме рануваш па почнуваш и ти мене да ме сакаш, токму во мигот кога почнав да те сместувам во заборавот? Зарем не чувствуваш дека сакам да те заборавам?

Ти упорно се враќаш кај мене. Повторно ја копаш истата дупка во мојата душа и посадуваш од љубовта кон тебе. Повторно доаѓаш и се засолнуваш во овие прегратки, бидејќи знаеш колку оваа љубов е несебична. Зошто мораш секогаш да се враќаш кога јас почнувам да те заборавам? Кога ќе тргнам на некои нови патишта, зошто ти си токму таму? Со раширени раце и со таа неодолива насмевка ме чекаш да дојдам кај тебе. Зошто сега ме рануваш на ваков начин? Зошто ми ја галиш душава со твоите зборови исполнети со љубов, кога знаеш дека еден ден ќе мора да се разделиме засекогаш? Зарем не знаеш дека нашата љубов беше осудена на пропаст уште истиот ден кога се роди? Зарем не е грев тоа што постои вака љубов, а уште од сега се знае дека нема да може да опстане? Зарем на судбината не ѝ жал кога ќе ги раздели двете вљубени души? Зарем ова се чувства на продажба? Спомени на попусти ли се ова? Зарем оваа љубов може да има цена? Зарем човеквите срце и душа нималку не се ценат? Ох, зарем навистина толку е сурова оваа судбина?

Ох, каков е овој свет без трошка жал во него?

Автор: Викторија Саздовска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?