„Notre Dame“ – Ацо Шопов

Симболот на Париз, како и симболот на целата светска култура и цивилизација, инспирација за пишување поезија на еден од најголемите македонски поети Ацо Шопов. Се надеваме дека ќе уживате читајќи ја неговата песна посветена на Notre Dame!

Notre Dame

Богохулно, грешно и без срам
сека вечер мислам покрај Сена:
што би сторил да е Notre Dame
чудом млада и убава жена?

Да си в Париз, да си така сам
и самота така да те кине…
Дал’ и она, би сакал до знам,
рамнодушно мене ќе ме мине?

О не, нема!.. Штом огрее ден
ќе ме втаса крај мирната река:
„Поведи мe во Boulogne
и Vincennes,
столетија јас тебе те чекам.“

Како тогаш ќе се сетам млад,
каква сила и пркос ќе сетам!
И сигурно – и во овој град
јас ќе бидам најнежен поета.

Но попусто – сонот си е сон,
а животот други далги влече.
Нема каде: преку Babylone
да одлутам на Pigalle и вечер.

И тргнувам без надеж, без моќ.
Сена плиска под лотките леки…
Барем да сум само една ноќ
едно кубе на нејните плеќи!

(„Слеј се со тишината“, 1955 година)

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!