Откако знам за себе ми недостига мајка ми. Целиот свој живот го поминав барајќи ја, постојано добивајќи лажна надеж и погрешни адреси во различни градови. И како што обично се случува, на лошите вести не им треба долго за да се рашират насекаде. Дознав дека е болна. Рак е, ми рекоа. Ќе оздрави, ме излажаа. Дајте да ѝ го слушнам гласот, по тоа копнеам целиот мој живот. Не може да зборува, дојди да ја видиш. Не знам кога ќе можам да патувам, вашиот град е далеку. Ми треба време, реков. Таа нема време, со сурова искреност ми одговорија. И како што желбата е посилна од сѐ, за неколку дена отпатував кај неа. Додека патував во мене се случуваше ерупција од емоции, жешка лава ми течеше од очите, тој ладен ноемвриски ден јас не го почувствував студот.
„Сакаш ли да се напиеш таблета, ова може да биде навистина стресно?“, ми рекоа. „Не сакам“, им одговорив. Сакав да бидам свесна за сѐ што ќе се случува, не да ги затапам сетилата со некаква таблета. И одеднаш ја отворија вратата и погледот ми падна врз кревет кој имаше сенка на него. Сенка која беше останала од жената на фотографиите што ги чувам како амајлија под перницата. Очите ѝ беа затворени. Спиеше. Немав видено ангел дотогаш, но верувам дека и ангелите спијат така.
Седнав на столче покрај креветот, а таа полека ги отвори очите. Ни се сретнаа погледите, но не изустивме ниту збор. Ја земав нејзината рака, ја приближив до усните и ја бакнав. И во тој миг во мене експлодираа сите емоции таложени 19 години. Ми течеа солзи, ми се замаглуваше видот. Солзи радосници, конечно ја најдов мајка ми. Горчливи солзи, не требаше да биде вака.
Солзи од страв, не сакав да ја изгубам. Не го тргнав погледот од нејзините очи. Се обидуваше да зборува, но не испушташе никаков глас, само неразбирлив шепот. Срцето ми се кинеше на милион парчиња, а единствено што можев да направам беше да ја држам за рака и беспомошно да гледам во она што останало од мајка ми. Нејзините очи беа празни, како да немаше ништо зад нив. Разменивме едвај неколку реченици, се обидов колку што можев да ја успокојам, да го смирам нејзиното измачено срце. Ја крена раката и ме погали по образот. „Многу те сакам“, тоа беа зборовите на една мајка за нејзината одамна изгубена ќерка.
„И јас тебе те сакам мамо“, со насмевка измешана со солзи ѝ одговорив. И таа се насмевна, а во нејзините очи засветкаа солзи. Веќе беше доцна, морав да си заминам. Станав, а таа иако во големи болки успеа да ги подаде рацете кон мене. Се приближив над креветот и врз себе ги почувствував нејзините слаби раце.
Најубавиот подарок што ќерка може да го добие од мајка си. Прегратка. Топол бакнеж на образот. Во тој момент знаев дека е среќна. На излегување на вратата се свртев назад, таа ја имаше кренато раката. Се насмевнав и ѝ мавнав. Сакав вечерта да спие спокојно. Знам дека јас спиев спокојно како никогаш претходно. Утредента кога се разбудив го почувствував најпрекрасното нешто, конечно бев среќна, комплетна, срцето ми беше исполнето. Како некој да ми го беше подарил светот. Неколку часа подоцна ми се јавија да ми кажат дека мајка ми заминала кај ангелите. Нашата среќа траеше точно 24 часа. Светот што ми беше подарен сега се уриваше врз мене.
Александра Стојановска