Зошто не го славам 8 Март?

Најпрво нека им е честит меѓународниот ден на жената на сите жени и оние што се чувствуваат така и што го слават истиот. Во денешнава колумна сакам да кажам зошто никогаш не сум му придавала посебно значење на овој празник. Пред неколку години во колумнава сум пишувала на истава тема. Сега е време за дополнување на тогашниот став. Во последната епизода од „Кулитерација“ спомнавме дека емисијата е посветена на жените, начнавме тема за видовите табуа што постојат кај нас. Доколку сте заинтересирани што се зборуваше во последната епизода од нашата емисија пуштете ја снимката и ислушајте. Таму кажав дека никогаш не сум му придавала посебно значење на денешниот ден токму од причина што сите 365 дена се денови на жената. Во секој ден од годината подеднакво треба да се присутни почитта, вниманието кон нејзе, како и љубовта.

Не е премногу романтично ниту идеалистички настроено ова тврдење. Знаете зошто? Бидејќи за ова не е потребно многу. Не се потребни никакви материјални подароци за да се искаже вниманието и да се покаже почитта. Не е потребно патување од една недела некаде во странство или уплата во СПА центар или викенд во Бањско! Не, ништо од ова не ѝ е потребно на жената која ја знае својата вредност, која верува во себе и во своите квалитети. Притоа е правилно сакана и почитувана од својот избраник.
Ако тој знае како да направи таа покрај него да се чувствува најпочитувана и најсакана жена на целиот свет секој ден и неуморно ја потсетува на истото на скромна и доблесна жена нема да ѝ биде потребно ништо друго за да се увери во љубовта на својот партнер.

За некому да покажеш љубов и внимание потребни се НУЛА денари. Зарем е тешко да покажеш некому како се чувствуваш покрај него? Да му кажеш со зборови колку ти значи? Не мора да се директни зборови на темата, некогаш и оние грижливи прашања навидум обични и секојдневни покажуваат колку некој ни значи. “Дали си гладен/гладна?“, “Дали спиеше убаво?“, “Дали ти е топло“?, “Дали си одморен/на?“, “Како се чувствуваш денес?“, “Што е тоа што денес те измачува, како можам да ти помогнам?“, се сосема доволни прашања упатени до партнерот со кој му ставаме до знаење дека навистина се грижиме за него. Не смееме да ја потцениме моќта на комуникацијата. 

Уште како дете во основно школо кое појма немаше што се случува на денешниот датум. Се прашував зошто се крева толкава фама околу купување каранфили и ружи. Ми беше интересна глеката како се растрчани родителите и децата со кеси полни подароци околу школото. Се чудев што е тоа толку важно што се случува тогаш и што се прославува. Кога веќе бев на возраст каде што работите полека почнуваат да добиваат смисла, кога ги барав одговорите на прашањата што ме интересираат, дознав дека се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Секако дека ова има своја историска, политичка и општествена позадина, но кога ќе се вратиме наназад и ќе согледаме колкави биле правата на жената во минатото, каков бил третманот кон неа, како било забранувано нејзиното учество во образовниот систем и во професионалното дејствување итн., овој ден навистина има симболично значење.

Не велам дека не треба да се спомнува, но зошто да се одбележи со собирање на дотерано женско друштво каде сите се весели, се смеат, јадат и пијат? Нели па за да се собереме така не ни е потребен посебен повод. Немам ништо против таквите прослави, да бидеме на чисто, но јас така нема да славам. Ниту па ми значи нешто некое цвеќе дадено “ради-реда“ од помодарство кое после една недела ќе овене. Да се навратам сега на школските денови кога во основно школо се случуваше “спектакл“ на денешен ден. Зошто спектакл? Бидејќи родителите беа повеќе потресени од нас децата за тоа каков подарок треба да им се поклони на учителките, класните раководителки и наставничките.

Дали вие сте биле сериозни? Не зборувам за моите родители туку општо за сите родители тогаш, а гледам и сега има такви. Со закон треба да се забрани подарувањето подароци на просветните работници во училиштата! Знаете зошто? Бидејќи некои не се задоволни од едно цвеќе во саксија или од 30 каранфили. Имаше примери во мојот град само во друго училиште, каде што се збираа пари за на наставничката да ѝ се купел телевизор! Ако тоа не е злоупотреба на работна положба и на некој начин “уценување“ на учениците, што е тогаш? Не знам за која наставничка ова се однесуваше ниту па ме интересира, но ќе речам дека ова е за секоја критика.

Главна задача на просветните рабтници е да ги учат децата, да им пренесат знаење. Да ги научат на работите што можат да се научат само во школо. Во тие неколку часа дневно што се дадени на располагање таа е нивнаат мисија. Сè останато не е во ред и не е за никакво оправдување! Лечење комплекси врз мали и малку поголеми деца не е на место. Никогаш не смее да биде злоупотребена или искористена детската добрина, искреност и наивност! Во “моето време“ поскромните учителки со учтива насмевка ги прифаќаа подароците и ни велеа дека не смееме за нив да се трошиме. Додека други со великодушна и горда насмевка “ликуваа“ што учениците “толку ги сакаат“. Од нив не може да се слушне ниту збор изговорен со скромност, како тоа да е сосема нормално да се трошат пари за одбирање подарок.

Тие истите што нескромно прифаќаат подароци се оние кои во заедничката просторија ќе се фалат со тоа што го добиле помеѓу колешките. Чиниш освоиле некојси орден од највисок степен. Поубаво е доколку истите тие наставнички еден ден нема да можат да престигнат од гордеење со успесите на нивните ученици. Да се горди исто како да се работи за нивни сопствени деца. Искрено се радуваат за успесите на секое дете што им поминало во клупите и го зборуваат тоа отворено. Да знаете дека учениците можеби нема да се сетат што ви подарувале 8 години по ред на некојси празник. Но знаете ли дека никогаш нема да заборават како сте направиле да се чувствуваат? Многу добро ќе помнат како сте ги пофалиле или критикувале. Пнатаму накратко моите аргументи зошто нема да го славам овој празник.

Прво, не се чувствувам како жена туку како девојка припадник на женски пол, а и кога би се чувствувала како жена мојот став би бил ист. Никогаш не смееме да ги заборавиме жените борци во минатото што направиле многу поважни работи за човештвото, а се премалку спомнувани. Не смееме да ја заборавиме ниту важноста на жената која стои како капија на влезот и излезот на овој свет со зборовите на Иво Андриќ. Знам дека заслужувам да бидам почитувана и сакана секој ден, а не само денес. Знам дека не ми се потребни цвеќиња и подароци за да проценам кога сум почитувана и ми се покажува внимание. Кој ги поистоветува поклоните со израз на љубов и знак на внимание тој не сфатил ништо. Затоа нема да славам 8 Март, бидејќи ниту сопствениот роденден не го прославувам којзнае колку спектакуларно. Тој ми е само обичен ден со едно поинакво значење.

Поради тоа одбирам да бидам девојката која секој ден си го слави поради тоа што е жива, која се радува на ситници. Девојка која во секој ден наоѓа за прославување барем по една малечка “победа“. Да живеат жените, а со тоа и мажите. Да живее љубовта, да царуваат мирот, хармонијата и среќата насекаде, Оти се премногу скапоцени, а некогаш премалку вреднувани па дури и потценувани. Жени, девојки, мајки, сестри, баби, тетки, стрини, вујни, колешки, пријателки, братучеди, работнички, девојчиња, почитувајте се и држете се заедно!

Во светот каде веќе доста се постигнало од страна на женскиот пол да не заборавиме дека треба да бидеме храбри, доследни и смели. Ако сакаме промени мора да бидеме гласни во ставот и аргументите. Во машко-женски свет, жената секогаш ќе има предност. Не дека и самата сум женско туку поради фактите што од биолошка, што од социјална природа. Почитувајте ги жените и сакајте ги секој ден. Повторувам – секој ден, а не само денес. А, вие жени – не си ги заборавајте вашите права никогаш!

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели