Занимливости и информации Колумни На пауза со моите монолози Општо

Иронија или постапување со намера? Кога медицинско лице го прави спротивното: наместо да лекува шири вирус

Веќе одреден период случајот со постоењето на Корона вирусот е познат на јавноста и насекаде во светот. Во сите земји се преземаат строги мерки за заштита од заболување, за спречување и понатамошно ширење на смртоносниот вирус. Кружеа и фотографии од медицински учебници дека истиот вирус постоел и во седумдесеттите години на минатиот век и дека се работело за обична настинка. Како и дека во некоја книга од шеесеттите било предвидено појавувањето на овој смртоносен вирус кој ги зафаќа респираторните патишта и дека од него ќе умрат многу луѓе.
Што се случува?
Епидемија? Масовна паника? Купување заштитни маски, неизлегување од одма, посета на продавници и маркети навечер и купување на залихи како да доаѓа крај на свет? Неодење на работа и седење дома колку што е можно повеќе освен ако се има обврска што не може да се одложи? Сето ова е оправдано, па дури и паниката бидејќи се работи за човечки животи. Сметам дека животот секому му е мил, или барем треба да му биде.
Крајното неодговорно и себично однесување и постапување на таканаречената директорка која со симптоми на вирус одела на работа, држела симпозиум на огромна група луѓе, па дури се дрзнала и да се заканува на вработени дека ќе бидат казнети. Истата одбивала да седи дома одреден период! Каде е тука совесноста и грижата за другите? Почитувана госпоѓо директорке, ако вам не ви се живеело и ако не ви било гајле за сопственото здравје, каде е љубовта кон вашите ближни?
Првично нив сте ги изложиле на ризик и сите останати. Што со должноста да постапувате професионално и стручно според сите закони и етички кодекси? Хипократовата заклетва вас изгледа не ви значи ништо и сигурно ја споредувате со ланскиот снег, а човечноста некаде сте ја заборавиле на скијачките патеки во Италија. Како и емпатијата која исчезнала некаде во воздухот кој сте го делеле со луѓе кои сигурно не би го направиле истото што и вие!
Сметам дека не само што заслужувате разрешување туку и соодветни санкции па дури и затворска казна. Не е сурово ова воопшто ако се погледне пошироко вашата суровост што не сте внимавале на здравјето на останатите. Дипломите и вашето образование како и своевидниот квалитет ви паѓаат во вода после ова крајно неодговорно однесување е за секоја критика дури и некаква казна.
Иронијата во здравство
Иронијата на нашето здравство – оние што треба да се грижат за подобро здравје и лекување на болести – истите ги шират. Моментално ја следам прес-конференцијата на владата и сега министерот ги чита мерките според комисијата за заразни болести. Дали ќе дојдеше до нив да не се однесуваше така госпоѓата директорка? Сега сите овие забрани и превентивни мерки што се неизбежни малку ќе го закочат секојдневното функционирање на 14 дена, но е сосема во ред.
Во Бугарија веќе со 4 заболени не работат ниту училишта ниту факултети. Во Албанија вакви мерки се преземаат само со 2 заболени. Кај нас требаше да се случи иронијата од здравствен „скандал“ за да им текне дека треба да се заштитат луѓето. Се прашувам сега како им е на сите оние што биле во нејзина непосредна близина и во некаков допир со нејзе или присуство во иста просторија.
Да се надеваме само дека никој од останатите го нема префатено вирусот, а ако го има истиот брзо и лесно да го надмине! Нема место за паника, но има место за еден куп прашања! Некаде прочитав дека „истата спомната погоре во текстов била платена за да го рашири вирусот“. Го примив со доза на скептицизам, но верувајте повеќе ништо не би ме изненадило со оглед на човековата алчност за пари и за материјални богатства.
Колку вреди човечкиот живот вистински?
Дали човечкиот живот помалку вреди од секоја пара на земјава? Тешка е помислата дека таа истата била способна да си го „продаде сопственото здравје“ и здравјето на останатите поради било што. Ова е огромен пропуст според мене. И истава критика би била упатена кон секој друг човек што би го направил истото како неа без оглед на работната положба и професијата.
Ете тоа е тажната иронична наша судбина во оваа наша напатена држава, сами помеѓу себе да си бидеме најголеми непријатели. Какви јужни соседи, какви светски сили и политички поделби, човек на човека му е волк. Доживеавме лекар на сите останати луѓе да им биде “непријател“. Секој сомнеж, секоја недоверба кон здравствениот систем и здравствените работници е тотално оправдан! Ако не може здравството да функционира нормално, што останува за другото?
И да, испровоцирана сум и се чувствувам загрижено во каква држава живееме. За жал поради само неколку непрофесионални и нечовечки поединци во секоја сфера страда целиот систем поединечно. Така што и генерализирањето е потценето. Не смееме да генерализираме, но зошто да се дозволат вакви круцијални пропусти? Не ни сакам да помислам дека зад сето ова стојат некои политички заднини. Ниту дека е некаков си план на моменталната влада, но не е ниту исклучиво истово.
Има ли оправдување за некои постапки?
Штом еден човек или една жена е подготвена да го изложи на ризик сопственото, па и туѓото здравјe тогаш верувам дека е подготвена на сè. Нема оправдување дури и да не била сигурна за нејзината состојба.  Едноставно ништо не го оправдува стореното. Можеби изгледа наивно, но кога ќе се погледне пошироко ако вирусот се прошири и ситуацијата стане уште полармантна тогаш верувам дека паниката би била уште поголема.
Не сакам да биде ова говор на омраза или да ширам невистини, но мора да се чуваме и да зборуваме јасно за сè што се случува! Преземајте ги сите потребни заштитни мерки, за доброто на сите. Избегнувајте излегување на отворено освен ако немате потреба, миете раце и не паничете. Ова со миењето раце е секојдневна човечка хигиенска навика што треба да се прави и кога нема епидемии и зарази. Дури и смешно ми е кога тоа се препорачува, а треба да се применува постојано неколкупати во денот. Барем јас го правев тоа и пред да се појави корона вирусот.
За хигиена се работи, а се работи и за здравје. Чувајте се, не се грижете и да се надеваме дека заболените ќе оздрават побрзо и вирусот ќе го испратиме исто како што дошол, можеби ќе се смилува и ќе рече: „не сум им јас потребен, и самите ќе се сотрат“.  До следно читање. Бидете добро и останете смирени!

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје