Занимливости и информации Културни настани Литература

Добитник на „Златен венец“ на СВП за 2020 година е израелскиот поет Амир Ор

Добитник на „Златен венец“ за 2020 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е израелскиот поет, романописец и есеист Амир Ор.

Согласно востановената традиција, оваа одлука се соопштува од Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ на свечена седница, што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), но заради почитување на мерките за заштита од COVID-19, одлуката е соопштена преку медиумите.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 26 до 31 август.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, потенцира дека Амир Ор е интригантен автор, кој доаѓа и се надоврзува на една, исклучително богата, интригантна и влијателна книжевна и културна традиција, како што е еврејската, која себеси постојано се градела низ вековите како своевиден палимпсест и синтеза на плодоносни гео-културни вкрстувања и разновидни творечки практики.

– Уште на прв поглед и читање, творештвото на Амир Ор плени со својата вибрантност и енергетски полнеж, непресушниот копнеж и радикалната потрага по новото и непознатото, извонредната сугестивност на лирската интонација, како и повеќеслојната симболика на античката митологија, што моќно ги проникнува овие, дијалошки обликувани стихови и молбени обраќања кон лирското Ти – кон Другиот/Другата, вели Шелева.

Поезијата на Амир Ор, нагласува таа, е впечатлива, приемчива, поезија која не му дозволува на читателот да остане рамнодушен, изобилно натопена со својот сочен, свеж, императивен јазик, со танцувачкиот динамичен ритам на стихот, со комплексните, емоционални и духовни немири, изнедрени „директно од бедрото“.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Амир Ор нагласува дека не може да искаже колку возбуда и задоволство му причинила веста за добивањето на наградата Златен венец.

– Струга е преплетена во моето поетско патување над 20 години, откако мојата книга Давејќи се, дишам жива вода беше објавена во едицијата Плејади во 2000 година, долги години пред мојата избрана поезија да биде објавена на српски или бугарски јазик. Бев сведок преполн со восхит на овој годишен собир на истакнати претставници на нашата Меѓународна поетска република, кога Бонфоа, Транстромер и мојот пријател В. С. Мервин беа добитници на престижниот Златен венец на поезијата, и со враќањето тука во 2020 година како лауреат, чувствувам дека мојата работа е наградена заради тоа што овде се има слух и љубов за поезијата . Кога се враќам во Струга и Охрид, знам дека сум помеѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за почит кон уметноста на поезијата, луѓе кои ја разбираат нејзината длабока вредност и уникатно значење преполно со мудрост, убавина и дијалог, со мечта и креативност, како и со слободата индивидуално да размислуваме и да чувствуваме, вели Амир Ор.

Амир Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност. Автор е на 13 збирки поезија, од кои најнови се: Плен – избрани песни 1977-2013 (2013), Крилја (2015) и Дете (2018). Неговите песни се преведени на 50 јазици и биле објавени во поетски списанија, антологии и книжевни веб-страници, како и во 33 книги низ Европа, Америка и Азија. Негови романи се Песната на Тахира (2001), фиктивна епопеја во стихови, и Кралството, роман за животот на кралот Давид.

Во 1990 г. Ор го основа Друштвото Хеликон за напредок на поезијата во Израел. Во 1993 г. ја формира Арапско-еврејската поетска школа Хеликон, каде што развива пионерски интегрирани методологии за учење на креативно пишување. Ор предавал во Израел, САД, Европа и Јапонија. Во 2001 г. го основал Меѓународниот поетски фестивал „Шаар“ и работел како негов уметнички директор.

Ор е национален координатор на проектот „Поети за мир“ поддржан од ОН, основач на Светското движење за поезија и на Европската асоцијација на програми за креативно пишување.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје