Skip to content

Разделба – Ванчо Николески

Разделба и пролет? Си мислам зарем не треба пролетта да биде годишно доба на повторно соединување? Тажна, но сепак толку убава песна од нашиот поетски гениј Ванчо Николески.

Ти си одиш, а сега е пролет,
колку убав е просторот чист,
но моето срце нема полет,
ко откинат во гора е лист.


Оди, драга, па и среќна биди,
јас последен ти дарувам цвет,
очите мои нема да те видат –
немам близок јас на овој свет.


Сè што беше нема да се врати,
о, никојпат, јас тоа го знам,
нема никој поздрав да ми прати,
и за вечно јас ќе бидам сам.


Би сакал како птица волна
да сум така спокоен и тих,
но душата, драга, ми е болна,
ќе ја лечам со песна и стих.


Нема благ збор никој да ми рече,
а маката ме гризе ко црв,
разделбата ко рана ме пече,
од срцево ќе потече крв.

Ќе помине, драга, многу време,
како буен од потокот шум,
патник ќе бидам, ќе носам бреме,
мојот живот ќе е широк друм.


Оди, драга, па и среќна биди,
јас последен ти дарувам цвет,
очите мои нема да те видат, –
немам близок јас на овој свет.


15 мај 1951 год., Скопје

Напишете коментар