Во карантин сме. Втора седмица по ред. Поточно, дванаесетти ден. Конечно можам да си ги носам дупнатите чорапи низ дома и никој да не ме гледа. Не излегувам надвор воопшто, освен, нели, кога треба да одам во маркет.
И, нормално, за да ги заштитам постарите луѓе од Ковид-19, јас сум тој што оди во маркет, а моите седат дома и ги коментираат прес-конференциите на Министерот за здравство. Функционираме најнормално како и секое семејство, со по неколку кавги дневно. Додека мајка ми и татко ми „дискутираат“ за времетраењето на полицискиот час, јас се молам Владата под итно да спроведе закон за луѓето што работат од дома, да можат, без да одговараат, да истепаат барем еден член од семејството.
Пред маркетот сум. Го читам соопштението што го огласиле од надворешната страна на влезната врата. Препорачуваат да влеземе максимум до петмина во маркетот, а останатите да чекаме надвор и да влеземе кога ќе ни дојде редот. Задоволен сум од нивната одлука. Гледам до мене застанува еден човек, двојно постар од мене, и ме прашува што читам; дали имало некои позначајни попусти и акции. Се тргнувам на два метра оддалеченост и му укажувам на препораките, а патем забележувам дека не носи ниту маска, ниту ракавици.
Погледнувам внатре во маркетот. Шокиран сум од реалноста! Внатре педесет души на возрасна граница за пензиски надоместок, без маски и ракавици, купуваат брашно во количества небаре планираат да отворат пекарница, и тоалетна хартија во количества небаре планираат изградба на јавни тоалети.
Се упатувам кон друг маркет. Ситуацијата е иста, а, можеби, и полоша. Тргнувам кон трет маркет и забележувам дека улиците ги газат стари опинци, најчесто на возраст од педесет до осумдесет години. Не требаше ли помладите да излегуваат надвор по основни потреби, а постарите да седат дома и да се чуваат? Стигнувам и до третиот маркет, но набргу увидувам дека нема некои позначајни промени, па се одлучувам да се вратам во маалската продавница, каде што шансите за зомбирање се многу помали.
Влегувам во продавницата и се упатувам кон делот со овошје – за поздрав имунитет, нели… Кога забележувам дека цената на лимонот е двесте и пет денари, на мајка ми ѝ купувам чај со вкус на лимон, а на татко ми вотка од сто милилитри. Нели, треба превентивно да се заштитиме од вирусот. На мачката ѝ купувам песок, и ги купувам и останатите прехранбени производи што ми ги нарачаа моите. Излегувам од продавница и отспротива гледам еден натпис во вежбалница – „ти можеш повеќе“ и се враќам да купам уште два килограми брашно и уште еден пакет тоалетна хартија.
Стигнувам дома, ги оставам ќесињата во кујна и веднаш одам во бања да си ги измијам рацете со сапун минимум дваесет секунди. Се враќам во кујната да зготвам ручек за семејството. Оваа седмица научив да ги готвам сите рецепти од шесте сезони на „Храна и вино“. Ги вадам доматите од ќесето и ми текнува дека веројатно сто луѓе ги имаат допрено. Се враќам во бањата уште еднаш да ги измијам рацете дваесет секунди. Ги мијам и ја исклучувам водата од чешмата. Ми текнува дека главата на чешмата ја фатив уште пред да ги измијам рацете. Ја мијам и главата на чешмата со солна киселина и уште еднаш ги мијам рацете дваесет секунди.
Се враќам во кујната да зготвам ручек. Ми текнува дека продавачот и којзнае уште колкумина ги фатиле ќесињата, а сега стојат на работната маса од кујната. Ги вадам сите производи од ќесињата и ги ставам во фрижидерот. Морам да ја дезинфицирам работната маса. Додека ја бришам работната маса на кујната, од дневната соба го слушам министерот за здравство како препорачува да не ги ставаме производите во фрижидер без да ги измиеме претходно. Ме фаќа паника, па ги вадам сите производи од фрижидерот и го дезинфицирам и него.
Во меѓувреме мајка ми ме прашува до каде ѝ е цедениот сок од лимон, а јас ѝ одговарам дека за кратко ќе ѝ подготвам чај со вкус на лимон. Незадоволна од одговорот, се обидува да влезе во кујната и да ме праша зошто не сум купил лимон. Веднаш застанувам до вратата за да не влезе и ѝ објаснувам дека цените се превисоки за лимонот, другпат ќе купам. Мајка ми е изнервирана. Цел живот работела, па сега ли ќе штедела на еден килограм лимон, па макар и да е двесте денари. Го облекува палтото и излегува од станот. Трчам по неа да ја убедам дека јас ќе одам повторно, само нека седи дома. Но, мајка ми е упорна и не може да чека веќе.
Се враќам во станот да земам средство за дезинфекција и ја молам да не се мрдне од вратата додека не се вратам. Ѝ препорачувам да ги користи скалите за слегување заради помалите шанси за пренесување на вирусот, а во меѓувреме, додека слегуваме, ги дезинфицирам гелендерите. Ја дезинфицирам и влезната врата од зградата, ја испраќам мајка ми со солзи во очите, а потоа го дезинфицирам и лифтот бидејќи мајка ми сигурно на враќање ќе се качи со лифт.
Два ката подолу од нашиот стан го слушам гласот на Министерот за здравство како продира од нашиот стан. А, можеби, и не е од нашиот затоа што ми се чини дека истиот глас се слуша од сите станови. Влегувам дома и го затекнувам татко ми задреман на фотелјата во дневната соба, со вотката во рака, и намирисувам некои чудни мириси од кујната.
Влегувам во кујната и гледам дека половина кујна е зафатен од пожар. Го вртам бројот на пожарната служба, а истовремено го будам и татко ми да ми помогне да го изгасиме пожарот предизвикан од тоалетната хартија што изгорела додека се вареше чајот со лимон на мајка ми, и паднала на волнениот тепих.
Тринаесетти ден. Во државен карантин сме. Ни изгоре половина стан, но, важно, мајка ми се врати со пет килограми лимон. Затоа што била пензионер, работела цел живот и можела да си дозволи да си купи барем еден килограм лимон. По државниот карантин се договоривме да отседнеме во хотел додека не помине кризата, затоа што ги слушаме препораките за нереновирање во време на корона.
Што сакам да ви кажам со ова? Сакам да ви кажам дека коронавирусот е многу опасна работа.
Денис Бојаров