Проза

За девојката ставена во виорот на минатото

Прашав: ,,Зарем го заборави?”

Разочарано ме погледна. Добро знаев што ѝ и помина низ умот во тој миг. Ги затвори очите и низ насмевка воздивна.

,,Не можеш да заборавиш некој со кој си ги поминал најубавите мигови во твојот живот”,  рече и ја наведна главата.

Таа девојка бееше полна со љубов, а само го бараше човекот на кој ќе може да му ја подари. Нејзиниот поглед приказни везеше. Секако дека не го заборави. Зарем  можев да бидам толку глупава за да помислам такво нешто. Тоа беше безвременска љубов, голема љубов, која остави длабока трага кај неа. Остави рана која за жал никогаш нема да се  излечи, остави грст од болка во нејзината душа. Направи тетоважа на нејзиното срце, за никогаш да не се заборави. И душата да ѝ и ја отворат, тие него ќе го надат таму. Избледено сеќавање поради времето што поминало. Но секогаш со можност повторно да се освежи истот.

Мирно седеше на балконот гледајќи во небото иако знам дека љубовта ја гореше однатре.

Полека извлече една цигара од кутијата и ја запали. Кога го испушти димот ги затвори очите и се предаде на спомените. А се бореше против нив. За жал не беше моќна.

,,Тој остана во минатото” рече и повторно ме погледна разочарано. ,,А минатото не е моја грижа”, продолжи и  ги сви усните во права линија, во знак на жалост. Ги подигна веѓите и со дланката покажа на левата страна.

,,Но тука е драга, во срцето. Викотницата на вистината не ме остава да дишам слободно. Велам дека не ми е грижа, но се грижам. Се трудам да го удавам во солзиве, но не оди. Потоа се трудам со насмевките и така не оди. Се трудам да го убијам, воскреснува. Со нова љубов да го закопам, но тоа проклето секоја наредна ја уништува. Жал ми е. Многу ми е жал драга, но се борам. Еден ден знам дека ќе потпишам спогодбен пакт со него”, рече и ја изгасна цигарата во пепелникот.

Тогаш сфатив дека таа носеше еден голем товар со себе, таму некаде во аголот на срцето, во темните делови на душата од кои никогаш не можеше да се ослободи, туку можеше само да го ублажи неговото дејство. Но се бореше и знам дека ќе продолжи да се бори. Таа порасна во прегратките на тоа минато и го виде животот низ болката што ѝ ја предизвикува. Таа е дете на минатото.

Автор: Викторија Саздовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје