Проза

За тебе кој прерано замина

Еден број, еден датум, а толки многу спомени. Денес, велам дека и после неколку години, повторно можам да ги напишам најтажните редови за твоето ненадејно заминување. Но, како да кажам, што да напишам, кога болката ме остава без зборови. А ја чувствувам. Многу ме измачува. Тука е во срцево,  во душава,  дреме, но никако да излезе. Никако не можам да ја исплачам, ниту пак да ја раскажам.

Исто како и тогаш и овој ден е врнежлив и маглив. Целиот е темен и тмурен. И тогаш небото плачеше затоа што ти си замина, и некои работи никогаш нема да се сменат, та и сега плаче.  Години поминаа, не ни ги осетив и се сеќавам како вчера да беше кога ја слушнав веста. Кога се шокирав. Беше толку неочекувано и болно.

Тивко го прашувам небото зошто те зема, но одговор е тишината.

И сега кога ја спуштам свеќата, го гледам тој пламен пред мене. Подголтнувам. Повторно со тивки чекори сеќавањето на тебе и тој црн ден се вдомува со срцево. Посакувам да се вратам во минатото, да знаевме дека има можност да те загубиме, за да можевме да те заштитиме. Верувај дека ќе те заштитевме. Верувај. Посакувам да излезам од кожава бидејќи оваа бодликава болка ја уништува душава.

Ќе сторевме сè, да знаевме. Но, не знаевме. И во минатото не може. И повторно оваа болка недоискажана ќе остане, а знам дека ја разбираат сите кои прерано загубиле некој пријател, сакан, близок член. Знам дека боли…

,,И тој ден нешто тропна на вратата. Мислев дека си ти, та поитав да отворам. Но, повторно не беше ти. Ти повторно не дојде…”

Автор: Викторија Саздовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје