Вашиот глас Литература Проза

Жената – Снежана Паноска

Се омажи со “ стројници“. Стројник ѝ беше една золва, негова внука, со која заедно работеа во една фабрика. По неуспешниот брак, во кој не зачна нејзината утроба, свекрвата се “ смеша“, ја нарече “јалова“, по девет месеци брак, се разделија. Тој се ожени, со надеж дека во новиот брак ќе има деца, ама пак не му се погоди.

А кога ја сретна, веќе во поодмината бременост, неговите другари му се “издрапаа“ , да си ја земе, макар и со туѓо дете.

Таа зачна од “ прв“ пат. Тој веќе имаше две девојчиња и новата рожба им дојде како изненадување. Ама, нејсе, не можеше против природата, таа сакаше, иаку многу не им “ одеше “ во бракот, со две деца од предходниот брак, мајка, золви, внуки, внуци. Па и еден стар дедо, кој живееше во една куќа, со една жена во дворот, која троа како да беше налудничава. Ееее. беа голема фамилија. Кога ќе се собереа сите во дворот “ ечеше “ од кавги, плачки. Не роди машко, ниту првото, ниту второто. Се “наредија“ четири девојчиња, ама таа еднакво се однесуваше и кон своите и кон “ туѓите“.

Ама , црвот работеше. Не ја сакаа, не ја засакаа , беше стројна, убава, одеше на работа, вредна, чиста. Ама и тоа не ги задоволи. Си замина еднаш, се врати, па уште еднаш, па пак се врати. Дури и судски се разведоа, не стасаа пак да се регистрираат.

Почина свекрвата , ама нивните несогласувања не престанаа. Золвите, внуките, кој како ќе стигнеше се мешаа .Таа си обезбеди соба кај нејзиниот татко, таму наоѓаше мир и спокојство, ама имаше деца, мораше да се враќа.

И … животот застана во тој еден ден…за неа. Светот  престана да се врти, во тој несреќен ден , кога неговиот камион се преврте и тој загина. И не знам што беше пострашно, одењето кај неа да ѝ се каже дека загинал, одењето во другиот град да се подигне телото, влегувањето во таа проклета 3 куќа, кога ја нападнаа и не ѝ дадоа дури како што треба да го испрати.

“ Живуркаше“ , подолг период се обидуваше да заживее , ама не се можеше.

Замина и веќе не се врати. Ѝ исплатија некој дел од куќата, си ги собра парталите, девојчињата и повеќе не ја видов. А , ми беше жал, бел ден не виде во таа куќа. Знам дека девојчињата се омажија, секоја оформи свое семејство, таа остана, не знам каде, па зарем е важно. Во куќата сега живее најстарата ќерка со нејзиниот син. Сами. Ја реновираа, ја “ нашминкаа“, заличе дворот.

А јас, јас сè уште посакувам да ја видам, како го мете дворот, како ја префрла постелата на пенџерето.

 Таа. Жената…

Снежана Паноска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје