До 1 декември 2020 е отворен четвртиот конкурс за краток расказ „Бибер“, на кој дела може да праќаат автори кои пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски или српски јазик; афирмирани, како и оние кои досега немаат објавувано.
Од тимот на „Бибер“ соопштуваат дека како и претходниот пат, темата на конкурсот е проширена и покрај расказите кои го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, во предвид доаѓаат и раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето. –
Кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази кои се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство за другите, храбри раскази кои се осмелуваат да одат во „непријателски” чевли, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите, соопшти тимот што го организира конкурсот со поддршка на Центарот за ненасилна акција Сараево-Белград.
Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди, а најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник.
Повеќе информации за условите на конкурсот и наградите се објавени на страницата на „Бибер“ : http://biber.nenasilje.org
Жирито на конкурсот го сочинуваат Татјана Громача, Антон Беришај и Селведин Авдиќ.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.