Skip to content

Книгите на мајка ми – Денис Бојаров

  • by

„Мамо, мамооо…“, викаше малиот шестгодишен Мартин вознемирен од лошиот кошмар што го сони пред малку. „Тука сум, сине… Лош сон е само, буден си сега, готово, помина“, му рече, го погали по косата и лицето, ја зеде книгата со убави и волшебни бајки и почна да му чита. Мартин сè уште мислеше на кошмарот, па некаде од половина приказна успеа да се задлабочи во бајката што му ја читаше мајка му.
„Мамо, може ли од почеток да ми ја прочиташ?“ Мартин сакаше повторно да ја чуе приказната, иако, можеби, оваа бајка можеше да ја рецитира и напамет, но секогаш му беше убава кога ќе му ја читаше мајка му.
Мајка му почна од почеток да чита, почна и втора бајка, и неа ја заврши, а на третата Мартин веќе заспа. Многу внимателно легна до него и заспа со книгата в раце.
Мартин на оваа вечер се сеќаваше како да беше вчера, иако поминаа децении оттогаш.
Сега тој имаше педесет и осум години и беше дедо на пет внучиња, кој живееше во Шведска, а мајка му беше осумдесет и петгодишна страсна читателка со деведесет отсто оштетен вид, која живееше во Македонија.
Тој заедно со својата сопруга беше дојден во посета на мајка му. Мартин не беше страстен читател. Може да се каже дека тој не беше ни читател. Заедничкото што го имаа со мајка му е тоа што и двајцата беа две деца заробени во тела што стареат.
Не беа старци во никаков случај. Беа деца на психологијата, на филозофијата и на емоциите. Концепт 3Ф, што би рекол нашиот писател Даниел Бибовски.
По една седмица мајка му на Мартин излезе од болница и веќе беше на домашно лекување. Може да се рече дека беше во добро здравје, но Мартин не престана секоја вечер да ја заспива мајка му со читање бајки. Овој акт на Мартин ја восхитуваше и одново ја потсетуваше неговата сопруга дека таа го направила вистинскиот избор кога се омажила за него. Тој беше грижлив сопруг, татко, дедо и дете, па затоа и таа секогаш беше покрај него.
И во добри и во лоши денови, како што си ветија. Мајката на Мартин беше и нејзина мајка. И таа му читаше бајки кога Мартин ќе го фатеше дремка поради лековите што ги користеше. Беше убав сончев ден. Втори мај. Подготвија богата вечерна трпеза. Сите седеа на масата. Јадеа и зборуваа со поглед и насмевка. Немаше потреба од зборови.
Откако завршија со вечерата, сопругата на Мартин му се заблагодари на Бога за богатата трпеза и прочита една молитва. Детето во тело на осумдесет и петгодишна старица си ги испи лековите и посака малку да прилегне и да одмори.
Мартин ја зеде во раце и ја легна на креветот. „Мамо, сакаш да ти прочитам бајка или нешто друго?“„Бајка, сине… Онаа што ја знаеше напамет кога ти ја читав како дете.“
Мартин читаше задлабочено. Едноставно, му беше ќеф и убаво што ја радуваше мајка му, а нејзе ѝ беше уште поубаво. Таа ги затвори очите и внимателно го слушаше.
Ја заврши бајката и погледна дали мајка му заспала. Имаше блажена насмевка на лицето, па Мартин довикна: „Мамо, сакаш уште една да ти прочитам?“ Немаше одговор, што значи дека мајка му заспала. Тоа беше последната бајка што Мартин ѝ ја прочита на мајка му.
Таа веќе не се разбуди. Си замина среќно. Но, дали си замина засекогаш?
Погледна во библиотеката на мајка му, помина со прстот меѓу книгите.
Таму беа и бајките што му ги читаше мајка му кога беше мал. Таму беше тој.
Тој беше во книгите. Книгите беа мајка му. Мајка му беа книгите. Тоа беше магичен круг. Тоа беше мајка му.Да, мајка му си отиде, но не замина. Таа беше тука и тој реши да ја чува меѓу полиците. Да ја чува и да ја запознае подобро… книга по книга, чувство по чувство… затоа што таа засекогаш остана тука покрај него.

Автор: Денис Бојаров.

Напишете коментар