Skip to content

Заедничка приказна

29.4.2020

Станувам и го слушам црцорењето на птиците што се провира низ отворениот прозор. Погледнувам низ него и гледам празни улици, без стапалки и имиња. Еден куп причини за да се остане дома, а само една е најважна: „да се остане здрав“. Светот е на пауза додека сенките танцуваат сами, и тие ги изгубија нивните придружници. Сите сме во истата арка, си велам среќа наша што не е онаа Ноевата. Тие што не веруваат дека сите сме еднакви пред оваа епидемија, веруваат во нешто погрешно.

Овој невидлив непријател е немилосрден, и напаѓа без никакви критериуми. Потопот ќе биде одбегнат само ако бидеме внимателни и совесни. Го пијам првото кафе и погледнувам повторно во бескрајната улица по чија должина се наредени расцутените дрвја. Се слуша и понекој лаеж од уличните кучиња. Кутрите тие незгрижени, протестираат на нивен начин. Изгледа дека им фалиме ние, луѓето. Не се навикнати по асфалтот до чекорат сами.

Нас пак ни фали природата, ни фалат долгите прошетки и седенките по кафулиња, заедничките излегувања и дружби. Знам дека ќе ги имаме повторно, само треба трпение. а моја среќа трпеливоста ми е јака страна, па сум вооружена со она што ми е најпотребно во карантин. Храна, кафе, средства за лична хигиена и за чистење, книги и интернет.

Мислам дека со овие „луксузи“ што ги нема баш секој на планетава Земја, можам цел живот да бидам во изолација. Интровертот во мене е разбуден и ми го вели ова, секако дека не би ми одговарало така засекогаш. Ние сме социјални суштества, па покрај трпението и уживањето во друштво со самата себе, знам дека за брзо ќе се разбуди екстровертот што моментално спие во мене и тој ќе посака гужва, луѓе и средби со други човечки битија.

Моменталната слика е сива со црни точки, а во мои очи никогаш не било сè розово. И покрај тоа се трудам секогаш да го гледам светот во шарени бои. Ниту Геја не би била задоволна од тоа што се случуваше во последниве години. Планетата Земја ги наплаќа долговите на нејзин начин. Единствено што посакувам е да биде милостива и да им прости на луѓето. Тие тешко си простуваат меѓусебно, ама тоа е друга приказна.

Не сакам да мислам дека не заслужуваме поубав свет, посветла иднина. Ако ништо друго, ако не ради нас, тоа им го должиме на идните генерации. Еднаш некој рекол нешто слично на ова: „Остави го светот подобро место за живеење од тоа каков си го нашол“. Сакам оваа мисла да биде случај со денешните генерации во чиишто раце метафорично се животите на многумина.

Можеби сега сè изгледа монотоно и меланхолично повеќе отколку никогаш. Деновите брутално наликуваат едни на други иако нема ден ист како никој претходен. Повторувачки шеми и начини на однесување и функционирање во сечиј дом. Или во повеќето од домовите. Сите живеалишта изгледаат речиси исто, а сепак внатре сè е толку различно. Секој дом дури и секоја соба има своја историја, своја музика и душа.

Во моето катче ми е најтопло и најудобно. И знам дека еден ден ужасно ќе ми недостига. Велат времето не се враќа назад, па затоа јас уживам во секој скапоцен миг што го поминувам овде. Бидејќи домот не е затворска ќелија, ниту кафез. Тој е сплет од чувства, мириси и слики, многу повеќе од неговите ѕидови, мебелот и предметите внатре.

Него го прават луѓето, и спомените што ги правиме додека ги испишуваме страниците од нашиот живот. Тишината што свири преку ден, и што се спушта навечер ја пее нејзината триумфална песна. Затоа што успеа да ја победи буката, а и гужвата, барем за неколку подолготрајни часа. Наш заеднички триумф ќе биде ако успееме да ја победиме сопствената борба со самите нас, и со внатрешните демони.

Во овие моменти е повеќе од јасно дека што и да се случува, каде и да (не)одиме од самите себе не можеме да побегнеме. Ако човек не може да биде во хармонија сам со себеси, нема да може со никого. Седам така и си мислам која ќе биде мојата дестинација кога ќе заврши ова. Не мислам на долго патување, туку на долга прошетка со сопствените мисли и чувства.

Сега повеќе од никогаш го сфативме значењето што го имала природата врз нашите животи. Како и слободното движење, без грижи и стравови дека може нешто неубаво да се случи. Трпеливо го чекам моментот кога ќе ѝ речеме „збогум“ на пандемијата, кога и последниот заразен пациент ќе ја победи битката, и ќе си појде здрав дома. Ќе биде непроценливо чувство на среќа, олеснување и групна радост, која сите ќе ја делиме без оглед на раса, пол, религиска и етничка припадност..

Ја пијам последната голта од второто и последно кафе за денес, и ми доаѓаат многу чудни мисли бидејќи го персонифицирам вирусот. Мислам нешто налик: „Дали невидливиот непријател планира да исчезне и да не му текне повторно да напаѓа луѓе?“, небаре е некој тежок криминалец што им нанесува повреди на другите. Одма ми текнува на следново: „Ако одзема човечки животи, како ние да му го одземеме неговиот?“. Или ова: „Како што дошол, аман така и нека си замине, и нека не се врати никогаш!“.

Потоа си мислам: „Ако вирусот имаше човечко име, како ли ќе се викаше?“, и тука сфаќам дека веќе премногу долго сум сама со своите мисли, и дошло време да направам нешто покреативно и корисно. За денот да ми помине продуктивен, не за друго. Си имам распоред и план што мора да си го испочитувам. Мразам да се лажам самата себе, нема полошо од тоа бидејќи порано или подоцна повторно ќе мораш да се соочуваш со своите лаги. Добро, можеби уште полошо е ако веруваш во сопствените измислици. Но, ова е веќе друга тема.

Посакував целава ситуација со која се соочуваме да беше една голема и невкусна шала од невидени размери, но статистиките од СЗО за жал не го потврдуваат ова. Би сакала да можеше да биде само една шега од светски рамки, но не би можела олку долго да трае. А и никој не смее да си игра со човечки животи. Значи сите теории отпаѓаат. Мора да се соочиме со реалноста, сега и овде. Го имаме сопствениот живот во раце, не смееме да дозволиме да ни се лизне. Дури и повеќе од никогаш можеме да влијаеме и врз туѓите животи исто така, па ни останува да бидеме човечни и одговорни.

Интелектот нѐ прави различни од животинскиот свет, да покажеме дека сме луѓе. Не смееме да личиме на животни пуштени од кафез, само ова не.Макар што и тие не заслужуваат да бидат третирани на таков начин. Кој сака да биде заробен и да му биде ограничено движењето? Кога заедно ќе ја победиме битката на 21-век, во оваа престапна 2020 година ние ќе ја испишуваме новата историја. Ми се чини дека во животот случувањата ќе ги прераскажуваме како „пред“ и „после“ корона. Фактот дека ништо нема да биде исто е повеќе од јасен. Сакам да верувам дека тоа нема да ги промени луѓето на полошо.

Ни требаат промени на подобро, почнувајќи од луѓето, па после сè друго. Убедена сум дека можеме, и нескромно велам дека сакам да бидам оптимистична по ова прашање. Не сакам да е лажен оптимизам, туку проклето реалистичен оптимизам. Затоа што го заслужуваме секое добро, нели многу страдаше нашиот народ, а и цел свет? Не само последниве неколку месеци, туку низ целата историја, а и наназад со векови.

„Додека постојат луѓето, ќе постојат страдањата и тешкотиите“, ми вели реалистот во мене. На тоа му одговарам: „Не можеш да ми го земеш правото на размислување“.

Напишете коментар