Кога ќе подадеш рака
не вели – Дај.
Туку – Повели, земи.
Добрината не ја даваш,
за да ти ја вратат,
или небаре, за покој на душите да ја раздаваш.
Кога ќе ги испружиш рацете
очекуваш прегратка, насмевка,
топлина и радост,
но не и ладнотија, бедотија,
сиромаштија, празнотија.
Искрените, убавите луѓе,
подаваат рака со љубов,
кога ќе паднеш – да се исправиш,
и да продолжиш.
Раздаваат љубов, те дружат кога си сам.
И не мери со рацете, како кантар испружени,
кон сите страни на светот,
колку си силен, добар или лош.
Оти со ништо не се мери
она што го чуваш во срцето,
а го носиш на лицето избраздено,
измазнето, избричено,
нацрвено, набелено, насмеано,
исплакано, намуртено.
Смртно.
(Од необјавена стихозбирка: „Заедно до ….ѓ“)
Снежана Паноска