Зарем љубовта почнала со пари да се купува?

,,Ме сакаш ли?” праша таа. Внимателно го закотви погледот за неговите очи за да ја прочита секоја емоција што таму ќе прелета.

,,Секако дека те сакам”, рече и воздивна.

,,Тогаш зошто си толку студен?” праша.

,,Немам храброст. Немам храброст да те пуштам во срцево. Немам храброст драга, прости ми”, рече и ја бакна по образот.

Во аголот на нејзиното око видов една солза која полека се тетеравеше. Сакаше да се слизне низ образот и да си направи мала забава. Тие зборови ја погодија директно во срце. Се фати за орото на тагата и беше водачот кој неуморно играше. Тие зборови кажани од страна на човекот што за свој живот го сметаше, дефинитивно нејзината душа во пекол ја претворија. Зарем љубовта и храброста не одат во пакет, заедно?

,,Но имам нешто што ќе ти се допадне”, рече тој и од ќесето извади една голема, црвена кутија. Кога ја отвори, од неа заблеска ниска од мали, скапоцени камчиња.

,,Види, за тебе е. Прекрасен ѓердан. Прошетај се со него. Покажи го, нека ти завидуваат”, рече и се обиде да го извади од таму.

Таа збунето гледаше во одблесокот што се раѓаше од многуте камчиња. Ова беше порција идиотизам што моментално тој ја сервираше пред нејзиното срце. Зарем луѓето се претвориле во толкави материјалисти што попрво би биле љубоморни на овој ѓердан, отколку на чиста љубов што некој, некому ја дава?

,,Зарем мислиш дека со подароци можеш да ме купиш?” гневно праша.

Тој беше збунет. Го повредија овие зборови, но заборави дека љубовта со пари не се купува.

,,Зарем мислеше дека срамот поради тоа што немаш доволно храброст да ме фатиш за рака и да ме претставиш пред другите ќе го покриеш со неколку скапоцени камења? Но нема да те преколнувам за да ми фрлиш трошка љубов како на пес, драги. Земи си ги овие камења без никаква вредност за мене и барај материјалист како тебе”, рече. ,,Јас имам чувства кои не ги изложувам на пазарот на страдањето”.

Ох, немојте. Не може љубовта да се споредува со парите. Верувајте дека еден ѓердан со многу скапоцени камења нема буквално никаква вредност во споредба со љубовта која може една душа да ја даде. Светот тргнал во многу погрешна насока. Повеќе ќе значи едно цвеќе од љубов подарено, еден бакнеж, еден топол поглед  и прегратка, отколку пари и скапи подароци.

Љубовта, љубовта го врти светот драги мои. А оние кои мислат дека таа со пари може да се купи, тотално го згрешиле правецот на нивното движење.

Автор: Викторија Саздовска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?