Звукот на душата
(За окарината на Михаил Ренџов)
Ќе го подземеме патот под нозе
Со таква сигурност, неоти
Ќе талкаме со денови
Накај најблискиот Вавилон –
И некаде на полпат во далечината
Ќе се подзапреме, бидејќи
Ќе треба да се вслушаме
Во звуците на волшебницата – окарината…
Во чиј ли ум е родено,
Од чии прсти ли е стокемно
Тоа ништотно парченце глина,
Таа чудесија окарина,
Јајчеста,
Валчеста,
Ковчеста,
Со десет дупчиња
За десет тонски скали,
Зад кои потајум ѕиркаат
Вечно будните звуци
На неотклучената милновина,
Низ која душата се слуша
Како шуми ли шуми…
Надуј ги белите дробови
Епископу брегалничко-нерешки (на зборот)
Да ти ја слушнам душата, бидејќи
Јас пак и пак и пак
Ќе доталкам на полноќ
Пругоре по мојата Пчиња,
Од Кожле ќе се искачам
До Прохор Пчински пешки,
По козји врвици ќе акам,
Низ трње ќе се провирам
Сѐ до кај чардаците на изгрејсонцето
Асномско –
За да ти ја слушнам песната
Што остана да лебдее
Во воздухот покрај манастирот,
Раздобена во звучни интервали
И растреперена
Неоти несфатена вина,
Таму,
Во дворјето и во конаците
Другар галидуша,
Господине, господине, господине
Со окарина.
(Прохор Пчински, листокап 1989)
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.