Интервју со...

Интервју со Мирослав Трајковски: „Небото е сино, облаците се само минлива работа“

Денес нашата редакција ја имаше честа и задоволството да поразговара со Мирослав Трајковски, наш млад автор пред кој допрва следуваат предизвиците. Прочитајте во продолжение за што си поразговаравме со него.

Претстави им се на нашите читатели, (за да те запознаеме малку одблиску) кој е Мирослав?

– Мирослав е човек што ја сака поезијата, уметноста и литературата. Роден сум во Скопје, 1994 год. во почетокот на пролетта што особено ме прави среќен. Пролетта е убаво време, буди инспирација и ја отвора надежта на природата. По струка сум Агроинженер, а професионално вработен во ДЗС при Влада на РСМ.

Кои се твоите почетоци со пишувањето, одлучувачкиот момент кога сфати дека сакаш мислите да ги преточуваш на хартија? Што беше пресудно за да се фатиш за перото?

– Кога имав 11 години замислете добив идеа да напишам книга, на која ѝ дадов наслов “Ликот на животот“ . Почнував да ја пишувам, неколкуте луѓе на кои им ја прочитав се чудеа, зашто бев прилично мал за тоа што го слушаа и читаа. Раскажував за апстрактноста на животот, со биографски елементи и сл. Малку подоцна пред да го завршам своето основно образование, се појави желбата да напишам песни, и тоа беа моите први почетоци.

Која е твојата најголема инспирација за творење?

– Мојата најголема инспирација за творење се неколку нешта: љубовта, тагата, цвеќињата, дождот, многу пати инспирира и некој момент од животот кој неуморно ме притиска за да го преточам на листовите од хартија, а во последно време сѐ повеќе и на телефон во опцијата белешки.

Твојот ракопис насловен „Белези“ е избран за најдобар на конкурсот за објавување прва книга во рамки на проектот „Млади македонски писатели“ распишан од Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија пресент“ од Скопје во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Честитки за ова достигнување. Што да очекуваат читателите од ова дело кое треба да излезе од печат на крајот на месецов?

– Ви благодарам за честитките, посакувам и кај вас да се враќа со многу успех и радости. Белези е моето прво самостојно дело. Книгата е една необична комбинација која мислам дека и за првпат ќе биде претставена тука кај нас, а тоа е микс од песни и писма, кои пак може литературно да се воедначат со есеи. Не би можел да кажам што треба да очекуваат читателите бидејќи уверен сум дека секој различно ќе ја доживува таа книга. Ќе бидам пресреќен ако добар дел од нив, имаат чувство дека отпловиле на добра дестинација или проследиле интересна изложба.

Признанијата што авторите ги добиваат за нивните дела значи дека некој го препознава тоа што го прават. Кои други награди и признанија ги имаш добиено за твоето творештво?

– Признанијата се важни но не се пресудни во оваа работа. Особено поезијата, која е многу подлабока точка во светот на уметноста, а секој искусен и врвен уметник ќе ви каже дека уметноста не е спорт. Кај останатите литературни родови можеби постои поадекватен начин да се одлучи кој е најдобар или чии текстови се за прво или второ место.

Моите учества на литературни манифестации тука и во странство се повремени, јас имам натпреварувачки дух но се трудам да го скротувам, давајќи им поголемо значење на дружбите, новите познанства  и трагајќи по луѓе кои ми се блиски по хоби и оваа љубов кон литературата.

Еве малку ќе се пофалам..хехехе… еден голем дел од песните и писмата од книгата се наградени, неколку од нив се и со први награди на различни манифестации во Македонија, а дел и второ наградени на Меѓународен Славјански Литературен Фестивал во Харков, Украина.

Пишувањето поезија само по себе е еден вид процес кој навистина е тешко да се објасни. Опиши ни го твојот творечки процес на создавање поезија, во кратки црти, доколку можеш😊

– Поезијата е начин на живот. Едноставно авторот е чувствителен, сензибилен, романтичен, револуционерен, свесен. Затоа ја пишува, ја негува, ја открива или пробудува од себе. Јас би рекол дека не постои правило за творечки процес, зашто поетите добро знаат дека постојат стихови кои не ти даваат да заспиеш до доцна во ноќите, или пиејќи да го довршиш своето кафе. Многу е спонтан тој процес за да успеам да го опишам. 🙂

Како влијае читањето книги врз тебе и кога би требало да одбереш само една, која би била твојата омилена книга?

– Читањето книги е многу важен момент. Но уште поважен момент е која книга да се одбере да се прочита. Кога би одбрал  сигурно тоа би била Библијата, сметам дека е ненадминливо дело.

Ако твојот живот би се опишал со наслов на книга…тој би се викал…

– БЕЛЕЗИ или Патување.

Која е најголемата поддршка на Мирослав? 

– Мојата најголема поддршка е моето семејство и моите блиски пријатели.

Дали поезијата и прозата секогаш одат рака под рака или не мора да значи? Што ти е тебе подраго да пишуваш? Или подеднакво се пронаоѓаш во двете?

– Поезијата и прозата не одат секогаш рака под рака, всушност сметам дека е прилично тешко да се вклопуваат. Подрага ми е поезијата но тука е некаде и прозата.

Кога еден автор ќе ги „истури“ своите емоции на хартија, тие го наоѓаат патот до читателите. Колку е важна критиката на читателите според тебе, и каков треба да биде односот на еден автор со неговата публика?

– Критиката е многу важна, особено кога доаѓа од луѓе кои имаат искуство, и кои умеат длабоко да се нурнат во она што е напишано кога се работи за поезијата. Критиката за прозата е исто важна, и секогаш добредојдена.

Кој/а е твој/а омилен поет/поетеса?

– Мојот омилен поет е Ацо Шопов, омилена поетеса Десанка Максимовиќ.

Ако не е пишувањето, кое би било друго твое хоби? Дали постои нешто друго со кое се занимаваш во слободно време, и би сакал да го споделиш со нас?

– Ако не е пишувањето, би сакал да умеев да сликам но со четка и бои се разбира. 🙂

Што го исполнува Мирослав? Што претставува среќата за тебе?

– Ме исполнуваат мирот, добрите разговори, патувањата, добрата волја на луѓето…

Што претставува среќа за мене? Еве одговорот ќе ви го дадам со една моја песна од книгата Белези;

ШТО Е СРЕЌА?

Она што умее

да ни го раздвижи денот е среќа.

Човекот, кога е вљубен е среќен

и кога доаѓа нов живот тој е среќен,

и кога доаѓа ново утро човекот е среќен,

и кога ќе се спаси од неволја

тој неописно ја чувствува среќата.

Да се биде добар човек значи

да се споделува среќа.

Првиот изоден чекор во животот

е огромна среќа

Првиот изговорен збор кон мајката е среќа.

Среќа е и првиот бакнеж од детството,

толку искрен и наивен.

Среќата е како лист бршленче

кое незабележливо расте и раззеленува.

Среќа најпосле е полно срце со добрина.

Кога би имал моќи да можеш да направиш едно нешто засекогаш да исчезне, што би било тоа?

– Сакам да исчезне Корона Вирусот, ако е возможно.

Кој е твојот лајтмотив?

– Небото е сино, облаците се само минлива работа. –   М. Трајковски

За крај, што би им порачал на читателите на Крајбрежје?

– На читателите на Крајбрежје би им порачал да ги следат своите сонови, да ги остваруваат своите желби. Доколку можат повеќе да другаруваат со книгите како неизоставен дел, а помалку со социјалните мрежи. Им посакувам добро здравје.

Од сѐ срце ти благодариме за одвоеното време, ни беше чест што си дел од нашата рубрика „Интервју со…“ и што имавме можност да те запознаеме од друг агол.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје