Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Желба – Софија Петковска

Прочитајте ја најновата песна којашто е денеска објавена на официјалната фесјбук страна „Поезија на Софија“ од поетесата Софија Петковска.

Ленено платно да избелам,

ко Билјана на охридските извори,

Од бело, побело да биде.

Па од него фустан да сошијам

и така стокмена в чаршија да прошетам,

по тие стари сокаци,

по таа стара калдрма.

В кајче мирно да запловам,

по тие води студени,

за срце в гради да стоплам,

за мир и спокој во душата да најдам.

И од некаде, тебе да те сретнам.

Па да ми испееш една песна љубовна,

онаа добро познатата ,,Во ноќта си месечина”:

,,Ангел ли си од небото,

што си толку убава?

Со твојата слатка уста

да ми шепниш името.”

Па за рака да ме стегнеш цврсто и заедно да кинисаме,

по патеката на животот да врвиме ко два лебеди бели.

И потем,

да застанеме, под едно старо дрво на починка.

И ти на грло да ми редиш бисери.

Бели.

Убави.

А чим ноќта ја покрие земјата,

в меана да седнеме и

со пастрмка да се насладиме.

Со вино в рака за животот да наздравиме,

дур охридските трубадури чалгии ни свират.

Автор: Софија Петковска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје