Во светот на книгите Занимливости и информации

На денешен ден е роден Ернесто Сабато, аргентинскиот писател кој запалил дел од своето книжевно творештво

Ернесто Сабато е аргентински писател, роден на 24 јуни 1911 година во Рохас, Провинција Буенос Аирес, Аргентина, а починал на 30 април 2011 година во Сантос Лугарес, Провинција Буенос Аирес, Аргентина. Неговите родители Франческо Сабато и Џована Марија Ферари, биле италијански емигранти од Калабрија. Се смета за еден од најзначајните аргентински писатели. Докторирал физика и филозофија на Универзитетот во Ла Плата.

Најпрво се занимавал со физика и тоа во „Фондацијата Кири“ во Париз, а потоа и како професор на Универзитетот во Ла Плата. Науката ја напушта во 1945 година по што започнал со литературна дејност.

Ернесто Сабато

Опис на творештвото на Ернесто Сабато

Еден од најголемите аргентински и светски писатели, Ернесто Сабато, напишал само три романи кои меѓусебно се поврзани во своевидна литературна трилогија. Покрај нив, напишал и поголем број на есеи, а дел од своето Книжевно творештво го запалил.

Иако навидум, неговите романи се занимаваат со темите на лудилото, мрачните состојби на умот, паранојата, инцестот и друго, всушност тие се само површина, облик, стилска и мотивска рамка под чијашто длабочина се кријат бројни симболи, метафори, литературни записи кои имаат паралели со најзначајните литературни дела во светските рамки.

Неговото литературно дело е богато во мислата, во длабочината, во повеќеслојноста. Во многу ситуации, а особеното во делот „Извештај за слепите“ од романот „Херои и гробови“, тој создава своевидна апокалиптича визија која со својата уметничка уникатност и силина носи и одредена пророчка визија, чија актуелност станува сè поточна низ времињата кои доаѓаат во „изградбата“ на човечката цивилизација.

Всушност низ бројните сликовити метаморфози, тој создал литературно дело кое ги надминува епохите, времето, локалното, откривајќи го универзалниот проблем на човековиот егзистенцијализам. Неговиот апсолутен егзистенцијализам бил и инспирација и примарна литературна тема за Албер Ками, којшто исклучително го ценел ракописот на Сабато.

Иако го сметаат за антиборхесовец, според мотивското кредо на една специфична метафизика – помеѓу него и Хорхе Луис Борхес постои своевидна литературна поврзаност која сериозно ќе го менува книжевниот универзум во светот. За тоа сведочи и документарната книга создадена од заедничките разговори, Сабато – Борхес.

Ернесто Сабато

Ги напишал следниве три романи:

  • Тунелот (1948)
  • Херои и гробови (1961)
  • Абадон, ангел на уништувањето (1974)

Ги напишал следниве есеи:

  • Човекот и вселената (1945)
  • Луѓе и запченици (1951)
  • Хетеродоксија
  • Случајот Сабато. Мачења и слободата на печатот. Отворено писмо на генералот Арамбуру
  • Поинаквото лице на перонизмот (1956)
  • Писателот и неговите духови (1963)
  • Танго, расправија и клуч (1963)
  • Романса за смртта на Хуан Лавале. Јуначка песна
  • Педро Хенрикез Урена
  • Пристап кон литературата на нашето време: Робе – Грилет, Борхес, Сартр (1968)
  • Културата во националната пресвртница (1976)
  • Апологија и отфрлање (1979)
  • Книгите и нивната задача во ослободувањето и поврзувањето на Латинска Америка
  • Помеѓу буквите и крвта (1988)
  • Пред крајот (1998)
  • Отпор (2000) Шпанија во дневниците на мојата старост (2004)

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје