Мисли и цитати Мотивација

Цитати од Петре М. Андреевски што сведочат за неговото безвременско творештво

Дека неговото творештво е безвременско и ненадминливо сведочат делата што ги оставил зад себе. „Пиреј“ – неговиот најпознат роман што им е омилен на многумина ми е особено драг. Дури и слободно може да се каже дека го ставам во топ најомилени романи од домашни автори. Денеска споделив кратка биографија за Петре М. Андреевски во чест на одбележување на денот на неговото раѓање, а во тоа име ги одбрав следниве цитати. Прочитајте ги во продолежние!

„Животот е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчаме. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер, кај што ќе заврши и нашето талкање. Нашето постојано паѓање“. (Пиреј)

„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува“. (Пиреј)

„Пријателот ти е роднина кого самиот си го избираш“. (Пиреј)

„На изгореното срце и окото му е суво. Не пушта солза и да го молиш“. (Пиреј)

„Трагата на ѓаволот не му ја гледаш и пак по неа одиш“. (Пиреј)

„На селаните, среќата им е променлива, а несреќата постојана“. (Пиреј)

„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи,ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!“ (Пиреј)

„Стравот е страшен само за оние што му се плашат“. (Пиреј)

„Кога човек се плаши од пушка, тогаш пушката повеќе пука“. (Пиреј)

„Кога ја љубев Дениција, како да калемев светлина на мракот, како да топев снегови фатени во движење, како да станував единствен сведок за бакнежот меѓу металот и громот“.(Дениција)

„Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокам ќе ги затнам сите извори, сè што гори ќе отворам. Ќе направам да не се знае кај е лево и десно, ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица само да ме сакаш.(Дениција)

„Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено, на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе, не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас, со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам само да ме сакаш“.(Дениција)

„По нејзината воздишка го запомнував воздухот за да можам да ја стигнам, незабележан од никого, но таа беше побрза од сите небесни светлини, зашто секаде сама си го осветлуваше патот“.(Дениција)

„Ти си најцелосниот душман на моите душмани и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.“ (Дениција)

„Ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот, ни притаената светлина во купениот кибрит; ништо не е повидливо од твојата трага пред мене и зад мене, со мене и во мене“. (Дениција)

Извадок од мој видео рецитал од YouTube

„Ти беше мојот Исток и мојот Величетврток, ти беше сè што му недостасуваше на светот“.(Дениција)

„Ти ме призираш од небото и од земјата, а мене никако не ми успева да ти кажам дека и мојата смрт започнува по твојата и дека блажено е да се живее, а поблажено да се умира мислејќи само на тебе Дениција…“ (Дениција)

„Молњата што минува низ тебе во мене се одразува и јас живеам затоа што знам дека и ти живееш“.(Дениција)

„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“. (Дениција)

„Облеката е измислена да ти ги покрива недостатоците, а зборот да ти го покажува и тоа што не се гледа“. (Тунел)

„Секој човек си го планира некако животот. Но никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и криви линии, допирните точки, острината на аглите. Не може ни со сигурност да се објасни кај му измрдала либелата. Можеби некој ден ќе го открие тоа, но ќе го открие кога не ќе може нешто да измени”. (Тунел)

„Зборот нема милост – на секоја кривина те чека да те изненади. Секој збор има и свој лик и свој ум. Можеби тие се токму твоите, но ти не си ги препознаваш. И секој погрешно употребен збор, може да те злоупотреби. И тоа ќе ти ја уништи и чесната мисла што си сакал да ја соопштиш…“. (Тунел)

„Сега дури сфаќам дека и среќата и несреќата ги разбираме откако ќе нема со кого да ги делиме“. (Тунел)

„Останало животворната вистина да ја откриеме откако ќе сфатиме дека не можеме да живееме оддалечени од некого, без кого не можеме“. (Тунел)

„Колку повеќе знаеш, толку повеќе ќе страдаш!“ (Тунел)

„Ако мислиш и ти да бегаш – ми вели, никогаш да не се обѕрнуваш назад. Твоето свртување може да биде кобно – ми вели, зашто ќе дознаеш кој е тој што те брка. Ќе му го видиш лицето и може да се предадеш. Ќе застанеш и ќе му се предадеш – вели. Затоа бегај се додека не се умори тој што те брка. Додека не те заборави. И додека ти не го заборавиш него“.(Тунел)

„Само ако имаме нешто за сеќавање, само тогаш знаеме колку време сме биле заедно и колку време сме живееле и зошто треба да го браниме тој живот“. (Тунел)

„Тркалезна ти е прегратката кога ме љубиш, кога те љубам и тркалезна ти е солзата кога од мене се разделуваш…“ (Тунел)

„Само убавината не може да се заобиколи. А не можеш да ја заобиколиш зашто не можеш без неа. Па, дури и кога ќе те напушти. Ја носиш со себе и кога не сакаш. И којзнае на која страна да ги отераш мислите, тие пак ќе се вратат кај неа и до неа ќе застанат…“ (Тунел)

„Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи…Само убавината прави пазар.“ (Последните селани)

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје