Занимливости и информации Мисли и цитати На денешен ден

Франсоа Рене де Шатобријан – Светот без уметноста ја губи својата величественост

Во чест на Франсоа Рене де Шатобријан (француски: François-René de Chateaubriand) (1768-1848) кој починал на денешен ден, споделуваме неколку негови цитати кои пленат со искреност и лирско романтично доживување на стварноста.

Кратка биографија

Франсоа Рене де Шатобријан  е француски политичар, дипломат, историчар и писател кој претставува предвесник на романтизмот во Франција. За неговото дело критичарите велат дека иако е во произволна форма, изобилува со многу поезија, а жанровски се движи од лирски роман, преку слабо изведени епопеи, до есеј и автобиографски белешки. Овој писател го интересираат три крупни теми: политиката, религијата и интензивното, роматичарско доживување на и соживување со природата, особено со новите, непознати светови.

Сѐ што напишал Шатобријан (а најважни му се подолгите прозни дела Атала и Рене) има силна автобиографска димензија. Како потомок на стара благородничка лоза, врзан за „стариот свет“ кој умира грчевито под налетите на новиот, капиталистички поредок, тој ќе се качи на брод за Америка, во политичко прогонство. Петмесечниот престој во Филаделфија и посетата на Нијагарините водопади кај него ќе ја разгори фантазијата по нови и непознати светови и предели (едно од темелните обележја на романтизмот, беше патувањето во егзотични и непознати места).

Атала (1800) говори за младата ќерка на една индијка и еден шпанец, која умира поради судирот меѓу сопствената страсна индиска крв и должностите што ги наметнува христијанството. Рене (1802) е врзан автобиографски преку средбата на писателот со Новиот свет (Америка), бидејќи главниот лик бега од Европа во прашумите на Новиот свет, далеку од своето детство и од инцестуозната љубов кон сопствената сестра. Овде се открива една од идните омилени теми на романтизмот, забранетата љубов. Атала и Рене се исполнети со бројни страници во кои се слави единството со природата, која се возвишува како извор на непознатото, тајното, мистичното. Таа е мелем за страдалната душа на поетот-скитник, но и извор на бројни сознанија. Неговите сентиментални патувања, љубовните авантури и неговите јавни дејствувања, со внимание и одушевување ги следи цела Франција, младите луѓе се обидуваат да личат на неговиот Рене, тој идеализиран негов автопортрет, како што германската младина го имитирала Вертер на Гете.

Многумина сметаат дека со делата на Шатобријан се раѓа француската романтичарска проза. Во нив доминира чувството на „светската тага“. По Шатобријан романтичарскиот лик е вечен патник без дом, аналитичар на душата, записничар на страстите на срцето, човек на природата и противник на општеството и неговата студена немилосрдност кон сите слободи што срцето ги посакува, а разумот ги забранува.

Еве неколку негови познати цитати:

Ахил постои само зошто постоел Хомер. Одземете ја уметноста на пишување од овој свет и веројатно ќе ја одземете сета негова величественост.

Шумите се првите Божји храмови и токму во шумите човекот ја добива првата идеја за архитектура.

Оригиналниот писател не е тој што се воздржува од имитирање на другите, туку оној кој не може да биде имитиран од никој.

Со срцето се чувствува, со разумот се споредува.

Шумите им претходат на цивилизациите, а она што следи после цивилизациите се пустините.

Најнесреќните времиња создадоа најголеми умови. Најчистиот метал се обработува во наjжешката печка; најсилната молња доаѓа од најтемните облаци.

Се што е убаво или слатко или големо во животот е истовремено и мистериозно.

Каква важност можеме да им придадеме на работите од овој свет? Пријателство? Исчезнува кога оној кој го сакаме станува меланхоличен, или кога оној кој сака станува моќен. Љубов? Таа е измамничка, минлива или  виновнa. Слава? Ја делите скоро со сите или сo криминалoт. Богатство? Може ли таа безначајност да се смета за благослов? Остануваат сите оние таканаречени среќни денови кои минатото незабележано се прелева во нејаснотијата на секојдневните грижи, оставајќи му на човекот желба ниту да го изгуби животот, ниту да го започне одново.

Аристократијата има три последователни развојни точки: супериорност, привилегираност  и суета; кога ќе заврше првата, во втората се изопачува и во третата умира.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје