Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Поетска исповед – Анастасија Лефкоска

Во овој свет на лаги,

ти ќе бидеш моја единствена вистина,

неминлива,

непокорена,

непробиена,

и кога ќе умирам и кога душа ќе испуштам тебе ќе те барам,

во темнина и во светло,

во состојба на будност и лудило.

Не можам појако е од мене,

појака е желбата, не, копнежот да ти го извикувам името кога ќе се најдам во тоа сивило, 

на границата меѓу животот и смртта,

во тоа последно црнило.

И да се преродам и цел живот да го заборавам,

целиот тој живот сигурна сум,

само тебе ќе те барам,

на јазиков ќе ми стои името твое заборавено и ќе го мислам и мислам додека еден ден не го дознаам,

додека тебе повторно одново не те спознаам.

Се надевам дека повторно ќе се родам како уметник,

повторно на “нормалното” натрапник, за да повторно можам да те овековечам,

пред сѐ што те растажува кришум да се испречам и сета твоја тага во душава моја да ја повлечам.

Да се родам повторно и да не знаеш,

ниту да претпоставуваш колку од тебе се крие во мене,

со векови, со милениуми и еони.

Каков свет градиш со шарени градини, сила даваш да поместам планини,

И знаеш…

на моменти размислувам, 

можеби Еден не е градина туку состојба, 

зошто како во Еден се чувстувам јас додека во твоја близина  постојам.

Дишам – издишувам, живеам и сенките сопствени навечер ги прогонувам, 

в зори заспивам само за да те сонувам, 

парче да откинам од онаа реалност што сакам да ја имам, 

од мртва точка на подвижна лента да поминам. 

Да ги гледам ѕвездите навечер и да ги споредувам со твоите очи, 

илјадници години и илјадници ноќи да не можам да се отрезнам кога од душата твоја вино ќе се напијам,

па да ме носат дома сите познати боеми по патишта камени, по калдрми,

 да носам музика за под прозорот да ти ечи,

секое зло што под кревет сака да ти се привие да го спречи, носејќи од пердуви фаќач на соништа,
да ти ги ублажи кошмарите и од нив да направи прибежишта низ чии сенки за никогаш да

не можеш да ме видиш ќе ти пишувам и рецитирам и одново и одново како своја муза ќе те избирам.

В сон да ме гледаш, в јаве да ме мислиш и бараш и тогаш кога нема да ме очекуваш, да ме најдеш,

таму далеку преку брда и планини кога сонцето ќе зајде,

без збор само да дојдеш очите да ги истриеш небаре гледаш призрак,

штом гласот ми го чуеш да ме препознаеш како душа – близнак.

Од “Дневникот на една будала” – посветено

Автор: Анастасија Лефкоска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје