Се разбудив во уште еден ден во кој живеат убавините на светов.
Чекорите ми застанаа пред прозорецот од мојата соба, стоев пред границата на мојот простор, границата на мојот воздух со кој ги плакнам секое утро градите, воздух кој ми беше привремено незадишан, граница за сè она што постои наспроти мене.
Очите ми се будеа во јасноста на небото. Ах, колку прекрасно синило ми се отсликува во целото тело. Зениците не можеа долго да ми ја издржат силата на таа кристална небочистина па се поместија кон летот на две- три раскрилени птици кои живееја среќно во воздухот.
Мојот поглед почна љубопитно да ги следи нивните движења.Нивниот дом беше слободното постоење во висините,нивната раскрилена безгрижност беше единственото нешто што им беше познато додека нивните малечки срца тропаа со оддек еднаков на брзината од светлината.
Во истиот миг и моето срце започна да бие забрзано.
Тропаше со желба за допир на висините, гласно посакуваше да може да ми го вивне телото таму горе високо во чистините, да може да оддекнува со иста брзина на биење сред прекрасната јаснотија, рацете да ми ги престори во крилја и вродено како нив да раскрилам со распон кон висините.
Воздишка од посакување ми испумпа целото тело и го исполни просторот на моето стоење.
Очите ми продолжија да ги следат сите движења што се наоѓаа на другата страна.
Го гледаа движењето на птиците, како да се заситија од висините па почнаа со леснотија да се спуштаат надоле, надоле…
Нивната крв полна со воздух и нивните кревки коски решија да слетаат на гранките од јаболкницата во мојот двор. Сè уште е соголена мојата јаболкница. Извишена, горда со својот обем на старост, беше доволно цврста за воздушните патници кои бараат прибежиште. Постоеше за секоја птица која сакаше одмор после летање. Нејзините гранки трпеливо чекаа на милоста од сонцето, ја чекаа неговата сила –топлина, за да ги облече.
Тишина… Ги почешкаа клунчињата од гранките како да се поздравуваа со јаболкницата и покажаа благодарност што може на кратко да се одморат. Се гледаа, погледите им го прекинаа радосно црцорење во тој прекрасен молк изгледаше како да си поприкажуваат за нивниот лет од пред малку.
Со погледите како на едно од нив да му беше наредено да се спушти доле на земја.
Восхитувачки скоро нечујно и претпазливо почна да ги прави првите чекори на кревката почва.
Со неколку чекори се најде сред тревата која само што почнала да се раѓа. Ја наведна главата неколку пати до земја, ја бакнуваше секоја тревка.
До него слетаа и другите две птици, како да беше чекале од извидникот да им потврди дека е сигурно да си на земја.
Стојам пред мојот прозорец и сведок сум на многу живеења – слободни летања со привремени желби за одмор и заземјувања на тлото кое сите нас нè држи.
Наеднаш го здогледав својот одраз на стаклото од прозорецот кое дотогаш беше проѕирно.
Автор: С.Брезовска