Во светот на книгите Интервју со... Препораки за читање

Запознајте се одблиску со романот „Близнаци“ од Емилија Златкова Анастасова

Емилија Златкова Анастасова е родена 1982 година во Кочани. Од петтата година живеела во Пробиштип, каде завршува основно и средно училиште. Завршува македонска книжевност и македонски јазик на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Моментално живее и твори, во Велес. Автор е на книгите: „Волшебното Синџирче“ (роман за деца и млади), „Нов Ден, Нова Песна“ (поезија), „Поглед Кон Невидливото“ (збирка драми).

„Близнаци“ е нејзина четврта книга и прв роман за возрасни. Во продолжение можете да го прочитате разговорот кој се однесува токму на нејзината последно објавена книга.

Емилија Златкова Анастасова
Од каде дојде идејата да го напишете романот и зошто го одбравте овој наслов?

Најпрво сакам да ви се заблагодарам за разговорот и што можам да бидам ваша гостинка.😊

Да ви кажам најискрено, веќе и не се сеќавам на идејата, бидејќи романов почнав да го пишувам пред дваесет години. Кога беше завршен првиот дел и дел од вториот дел, па понатаму на него работев пред околу десет години кога скоро сосема го завршив и конечно. Во целава негативна ситуација со пандемијата, за мене беше позитивна, зашто имав време да ги допишам последните две глави и да го завршам романот. Насловот – едноставно сакав да биде лесен кој ќе го памети секој, но и затоа што романот е за раѓањето и животот на две близначиња.

Каква е содржината на романот? Во кратки црти опишете за што станува збор, што да очекуваат читателите од него?

Романот започнува со разделбата на Гоце и Марија, но разделба не по нивна желба, но поради таткото на Марија кој е влијателна и моќна личност па е против оваа врска, зашто смета дека Гоце не е достоен за неговата ќерка. Гоце заминува во Италија, а Марија не ми ја кажува својата тајна, па тој заминува без да знае дека ќе има дете. За поголема несреќа на Марија, се раѓаат две дечиња, а не едно кои успева да ги види само еднаш, но доволно да им стави „подароци“ во нивните пелени, нешто по што се надева дека еден ден ќе ги најде.

Близнаците ги одделуваат од мајката, а потоа и едно од друго – ги посвојуваат различни семејства. Марија по една голема кавга со татко ѝ исчезнува и веќе никој не знае каде е. Гоце дознава за исчезнувањето на Марија, па паѓа во очај и безнадежност и запаѓа во големи проблеми и криминал. Доаѓа очи во очи со смртта. И тогаш …

Мислам дека е доволно. Понатаму читателите сами ќе откријат што се случува и дали завршува трагично или постои зрак на надеж за позитивен пресврт.

Кога излезе од печат, дали имаше промоција, како помина истата?

Во март месец ја објавив збирката драми „Поглед кон невидливото“ и на 21 март требаше да има промоција, ама нели беше прогласена вонредна состојба и сè откажа. И ова малку ме разочара. Ама потоа си реков, нема коронава мене да ме победи, па ќе славам дупла победа и крајот на мај го објавив романот „Близнаци“.

Но, за жал официјална промоција како што сакав и замислував немаше, ама сепак успеав да го промовирам онлајн. За жал по само неколку недели морав да ја стопирам продажбата зашто, случајно испадна поклопување на име и презиме на лик од романот со реална јавна личност, па по негова реакција морав да направам промена на името и презимето и да ја препечатам книгата.

Кој стои зад издавањето на романот? Дали е тешко да се издаде книга кај нас?

Романот „Близнаци“ го издадов како самостоен издавач поради неколку причини, а најмногу поради пандемијата и ограниченоста на лични комуникации, ама и мојата желба да излезе веднаш. За разлика од порано, пред дваесет години кога го објавив првиот роман сега е многу полесно да се објави книга.

Дали можеби во романот има автобиографски елементи?

Дали ќе признае авторот или не, сепак на книгите им даваат дел од себе, вметнуваат автобиографски елементи, вметнуваат од својата душа. Веројатно затоа многу книги имаме чувство како да се живи и реални. Иако ликовите и случките се сосем измислени, оние што ме познаваат добро, ќе ме препознаат кај некои ликови. Во карактерот, во ставовите, во размислите. Имам вметнато и реални случки на вистински луѓе, но со променети околности.

Кој ве поддржа најмногу додека работевте на книгата, кој ви беше најголема инспирација и кому упатувате благодарност?

И во самата книга има една листа со луѓе на кои им благодарам и пак ќе ги спомнам: пред сè на моето семејство, сопругот и моите деца зашто ми дадоа простор да работам. Но, многу сум благодарна на моите драги пријателки од женската организација „АНА“ и жените од драмското студио „Ново Вино“, кои беа мој поттик и поддршка да ги објавам последните две книги. Особена мојата драга пријателка Гоца – која ја воскресна жарта за пишувањето. И посебна благодарност за близнаците Лука и Лорена и нивната мајка Благица, зашто дозволија нивната фотографија да ја краси корицата.

Какви се реакциите на читателите, на оние што веќе се запознаа со приказната на романот?

Јас сум пријатно изненадена од прифаќањето на романот од читателите и брзината на продажбата, иако е објавен само пред еден месец и имаше прекин поради промените во него и препечатувањето, сепак половина од тиражот веќе е продаден. И не размислував да има продолжеток овој роман, но многу читатели ме поттикнаа дека очекуваат продолжеток, па еве сега размислувам што понатаму. 😊

Дали може да се очекува нешто ново во иднина од вас и една кратка порака до сите читатели?

Да се надевам наскоро ќе имам нова книга, веќе работам на неа . „Детето во снегот“ ќе биде збирка раскази поврзани со една тематика, ама сè уште не е време за откривање на тоа.

Моја порака до читателите – нека бараат „сочни“ книги да не се заситуваат само со „леб и сол“. Зашто книгата е храна за нивната душа – нивниот разум, нивните чувства. Но и способноста здраворазумно да донесуваат одлуки во животот.

*Романот „Близнаци“ може да се купи директно преку авторката или на сајтот Купи книга.

Благодариме на одвоеното време. Во името на тимот од Крајбрежје на Емилија ѝ посакуваме многубројни успеси, распродадени тиражи и задоволни читатели! 😊

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје