На денешен ден Општо Светска поезија

Владимир Мајаковски, еден од најдобрите поети од руската литература

Владимир Владимирович Мајаковски (руски: Влади́мир Влади́мирович Маяко́вский; 19 јули 1893 – 14 април 1930) — руски писател, еден од најпознатите претставници на поетскиот футуризам во царска Русија и Советскиот Сојуз во раниот XX век.

Владимир Мајаковски, кој себеси се нарекувал Владим Владимич, е роден на денешен ден 19 јули во 1893 година, во грузиското село Багдади (кое денес се вика Мајаковско) во близината на Кутаиси. Уште како дете покажувал наклонетост кон поезијата: татко му постојано ја фалел неговата способност за паметење и за сите слави го терал да учи стихови. Не бил добар ученик, особено бил лош по математика, но затоа пак многу читал. Пред приемниот испит за гимназијата, неговото семејство се преселило во Кутаиси, а тој за малку ќе паднел на приемниот испит.

Како дете, во 1905 година учествувал во демонстрациите против царската власт. Меѓутоа, во 1906 година претрпел голем удар – починал татко му, а потоа, со мајка му и со двете сестри (Људа и Оља), се преселил во Москва, каде семејството живеело многу бедно, а тој морал да работи – цртал на дрво со жешко железо, вапцувал велигденски јајца, итн. Во 1908 година, откако бил исклучен од гимназијата, поради неплатената школарина, Мајаковски ја започнал илегалната работа и им се приклучил на болшевиците, дејствувајќи како пропагандист во трговско-индустрискиот реон. Истата година бил уапсен, но бил ослободен како малолетник. Поради своите револуционерни идеи, во 1909 година, бил уапсен заради поседување револвер и одлежал неколку месеци во ќелијата број 103, во Бутирскиот затвор во Москва.

Потоа, свесен дека мора да го испече писателскиот занает, ја напуштил партиската работа и приватно започнал да учи сликарство и рачна работа, а потоа се запишал во училиште за сликање, скулптура и архитектура. Кога започнала Првата светска војна, Мајаковски се пријавил како доброволец, но бил одбиен како „политички неподобен“.

Во 1915 година, Мајаковски ја запознал својата голема љубов и муза Лилја Брик чиј сопруг му ги откупувал песните, плаќајќи му по 50 копејки. Истата година, бил повикан на фронтот, но тој ја одбил поканата и започнал да црта.

Одредено време работел во руската телеграфска агенција „Роста“, а од 1921 година работел за весникот „Известија“, но истовремено ја организирал работата во МАФ (Московската асоцијација на футуристите), додека од 1923 до 1925 година работел во списанието ЛЕФ (Лев фронт на уметноста). Во 1925 година го започнал своето патување по светот (Берлин, Париз, Хавана, Њујорк) при што известувал за весниците „Известија“, „Труд“, „Работничка Москва“, „Зора на Истокот“, „Бакински работник“ итн. Во 1927 година, повторно го активирал списанието ЛЕФ, но повеќе работел за „Комсомолска правда“

Својата прва песна Мајаковски ја објавил во илегалното гимназиско списание, а подоцна неа ја опишал како „неверојатно револуционерна и исто толку грда“. И за време на престојот во затворот пишувал песни, но не бил задоволен од напишаното.

Пресвртна точка во неговата кариера претставува запознавањето на Бурљук, тогашниот водач на авангардните уметници и едне од најистакнатите претставници на кубофутуристите, кој со восхит ја пофалил генијалноста на Мајаковски. Бурљук го надгледувал, му купувал книги, го поттикнувал да пишува и му давал по 50 копејки дневно „за да не гладува додека пишува“. Кон крајот на 1912 година, Мајаковски ја објавил својата прва професионална песна, „Пурпурен и бел (Ноќ)“, а потоа следеле „Утро“ и други. Во 1913 година го објавил зборникот „Јас“, полн со илустрации и цртежи, како негови, така и на неговите другари од училиштето за сликарство. Весниците и списанијата биле полни со впечатливите текстови на Бурљук и Мајаковски.

Како што забележила Марина Цветаева, Мајаковски влегол во поезијата од сликарството. Сликовитоста, развиените метафори и концизниот исказ ги презел од симболистите, така што неговите рани песни потсетуваат на неговите претходници, но многу брзо неговата самосвест ќе се развие во футуризмот. Во 1914 година објавил неколку антивоени песни („Војната е објавена“ и други), во текот на зимата „заборавил на уметноста“, а во мај 1915 година заминал во градот Куокала, во Финска, познатата поема „Облак во панталони“.

Во 1920-тите, Мајаковски почнал постепено да се оддалечува од футуризмот, иако и понатаму бил активен во Московската асоцијација на футуристите. Од 1921 година натаму, работел многу интензивно и објавил повеќе книги, а од тоа време датираат неговите познати поеми „За тоа“ и „Ленин“. Од неговото патување низ светот произлегле повеќе дела во проза, поезија и публицистика. Во 1927 година напишал сценарио за детска книга и го направил концептот за книгата „Универзален одговор“ која никогаш не ја напишал, а следната година ја започнал поемата „Лошо“ која исто така не ја завршил. Во доцните 1920-ти, Мајаковски ги создал и делата: „Јас, лично“ (неговата биографија), „Слугинка“, „Помпадур“, „Писатели сме ние“, „Подлизурко“, а тогаш биле објавени и првите два тома од неговите собрани дела. Во 1929 година напишал повеќе песни („Писмо до другарот Костров“, „Писмо до Татјана Јаковлева“, „Монте Карло“, „Парижанка“, „Убавици“, „Америкаците се чудат“, „Стихови за советскиот пасош“), ја завршил драмата во шест чина „Бања“ итн. Последното важно дело на кое работел била поемата за петолетката, но успеал да го заврши само првиот пролог кој го објавил посебно со наслов „На цел глас“. Во Клубот на писателите била отворена изложбата „Дваесет години работа“, посветена на јубилејот на неговото творештво.

На 12 април 1930 година, Мајаковски напишал проштално писмо, адресирано „На сите“ во кое, покрај другото, стоело: „Не окривувајте никого за мојата смрт и, ве молам, да не правите сплетки. Покојникот тоа никако не го сакаше. Мамо, сестри, другари, простете, ова не е начин (на другите не им го препорачувам), но навистина немам излез. Лилјо, сакај ме. Другарке Владо – моето семејство се Лилја Брик, мама, сестрите и Вероника Витолдовна Плонска. Ако им овозможиш пристоен живот – ти благодарам. Започнатите стихови дајте им ги на Брикови – тие знаат што треба.“ Во писмото, Мајаковски напишал и една строфа (и Есенин постапил на истиот начин кога извршил самоубиство).

Понекогаш велат –

„Случајот е целосно јасен“,

На брегот на живеењето

се скрши љубовниот брод.

Со животот ги заклучив сметките,

не треба список гласен

на заемните болки,

навреди

и караници.

Останете среќни,

Владимир Мајаковски

 

Два дена подоцна, на 14 април 1930 година, во 10 часот и 15 минути, во Москва, Мајаковски извршил самоубиство.

Според филологот Александар Ушаков, Мајаковски е „човек кој со себе носи некакво чувство на апсолутот. Неговите критериуми се многу високи. Со многу нешта во животот не се помирува. Го гледа загушувањето на поединецот, вулгарноста, огромната маса недостатоци.“ Висок, силен, со остри црти на лицето, тој излегувал пред публиката со рацете во џебовите и своите песни ги рецитирал со потсмев. Според зборовите на еден негов современик, сите песни на Мајаковски во себе содржеле „бездна на поетски електрицитет“. Иако е повеќе познат по песните напишани по Октомвриската револуција, според Ушаков, во неговите рани песни постои нешто што никогаш го немало во поезијата пред него; пред Мајаковски не постоел лиричар со толкава експресивност и метафоричност.

Поезијата на Мајаковски драстично се променила по Октомвриската револуција, кога песните со растурени стихови станале неговиот заштитен знак. Неговите смели експерименти во таа област, богатите, длабоки, но и непотполни рими биле резултат на огромните можности што му ги отворила употребата на акцентскиот стих. За него, римата била „стихувана стихија, паралелно движење на мислите и звукот“ и тука дошло до израз неговото семантичко мајсторство, а неологизмите што ги создал во своите поеми живеат до ден-денес.

Според мислењето на некои историчари на книжевноста, тој не само што ја урнал хармонијата на силабичкиот стих, туку создал сосема нова поезија поради што заслужено бил наречен „Ломоносов на руската поезија на XX век“. Од друга страна, неговата љубовна лирика претставува потполна загатка и љубовта претставува неисцрпна и општоприсутна тема во целокупното негово творештво.

Поезијата на Мајаковски секогаш предизвикувала поделеност кај критиката и кај читателите. Сепак, нема сомнение дека неговото дело се вброило во редот на најдоброто што го дала руската литература, односно неговата поезија се осликува со целосност и извонредна сложеност.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје