Skip to content

Артур Рембо – Мајски знамиња

Ви ја претставуваме песната „Мајски знамиња“ од генијот во поезијата, францускиот поет Артур Рембо, кој пишувал во период од само три години (од неговата 16. до 19. година). Но неговото влијание на модерната литература, музика и уметност е огромно и од непроценлива вредност. Тој создава една нова поетика во која може да уживате со сите ваши сетила. Уживајте во оваа прекрасна песна!

Мајски знамиња

Во светлите гранки на липите
болникавиот повик на рогот умира.
Но гласот на духовните песни
летка меѓу рибизлите.
Нека крвта ни се смее во вените,
се заплеткуваат еве лозјата.
Небото е убаво како ангел.
Синилото и бранот се во врска.
Излегувам. Ако зракот ме рани
врз мовта јас ќе умрам.

Да бидеш стрплив, да се досадуваш
е премногу просто. Моите маки се глупи.
Нека драматичното лето ме врзе
за својата кола на изобилство.
Нека умирам долго покрај тебе
– помалку сам и ништожен – Природо.
Место што Пастирите, што е смешно,
умираат речиси поради светот.

Да ме истрошат годишните времиња сакам.
Кон тебе, Природо, јас се враќам;
сета глад и сета жед ти ги давам.
Напој ме и нахрани ме ако сакаш.
Измамен не сум; исто како и кон сонцето
е и подбивот кон родителите.
Но јас на ништо не се смеам;
и нека владее таа несреќа.

Напишете коментар