Вашиот глас Литература Проза

Вина – Александра Стојановска

И по неколку години од нејзината смрт сè уште има ноќи кога ме напаѓа чувството на вина. Ова е една од тие ноќи. Се превртувам во креветот, ја местам перницата, ја менувам положбата, но ништо не помага. И сфаќам дека ова е една од оние ноќи кога очите ми отекуваат од плачење, додека одвнатре ме јаде чувството на вина. Се навраќам неколку години наназад и во мислите ги менувам настаните за да добијам поинаков исход. Но, сето тоа е бесцелно, на крајот на краиштата сѐ останува исто. Повторно следи низа на обвинувања и бескрајно жалење и сѐ така од почеток. И на самиот крај, кога веќе морално и физички сум исцрпена помислувам на сите идни важни настани. Тогаш сфаќам дека ќе мора сѐ да направам без неа. Секој роденден, дипломирањето, дури и тажните и несреќни моменти. Кога ќе бидам многу среќна и насмеана со поглед ќе барам нечии очи, но таа нема да биде таму. Кога ќе бидам несреќна и ќе плачам, нема да има на кого да се доверам, нема да има од кого да очекувам поддршка и разбирање. Сфаќам дека ќе бидам сама. Како што сум сама и оваа вечер. Ја забележувам месечевата светлина која влегува низ прозорецот. Ја вртам сувата страна на перницата и гледајќи во небото прошепотувам неколку зборови со надеж дека од некаде може да ме слушне. Ги затворам уморните очи и посакувам да можам да ја сонувам. Барем уште еднаш. Телото ми се опушта и сонот ми се спушта на очите.

Автор: Александра Стојановска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје