Писателот Горјан Петревски, како и секогаш, воодушевува со неговите приказни за деца.
Во прилог ви претставуваме една негова поучна и интересна приказна ,,Дувна од ранина – горе од планина – Кога ветрето се налути.”
Високо горе во планината, со родителите живееше и Немирното Ветре. Кога мирно, кога палаво, но секогаш знаеше да задува како треба. А во едно утро, уште од ранина, само Големиот Град сиот беше во темнина.
– Што се случува!? – праша Немирното Ветре. – Зар таму не е ден!?
– Така ќе биде и на пладнина… Преку цел ден – се загрижи татко му.
– Има многу автомобили, а чадат и оџаци… – објаснуваше мајка му.
– Се палат огнови и таму каде што не треба.
– Ќе слезам долу… – посака Немирното Ветре. – Љубопитен сум…
И одлета во Големиот Град. И што ќе види – градот во магла и нечистотија.
– Еј, подзапрете малку! – ги искара возачите. – Во вакви денови оставете ги автомобилите. Патувајте со автобуси или велосипеди…
– Брзаме за на работа… – се бранеа тие. – А и ќе ни студи на велосипеди.
– Добро ќе се облекувате! Подобро така отколку да се задушувате.
Потоа отиде кон фабриките со огромни оџаци. Ги искара и нив да намалат со чадот, да стават филтри. Влезе и по домовите, па и домаќините ги прекори да внимаваат со што ќе се топлат преку зимата.
А им се развика и на оние што ги палеа контејнерите и депониите за ѓубре. Се раздува насекаде и го исчисти градот. Луѓето беа радосни, а и децата можеа да излезат надвор и да си поиграат.
– Бре луто и лудо ветре! – рекоа бабите. – Мало, но вредно… Алал да му е!
– А и мудро! – велеа дедовците. – И од најмалите може нешто да се научи.
А немирното ветре пак се врати во планината.
– Ќе израснеш во силен ветар, синко! – рече таткото. – И јас ќе се одморам.
– Златен на мајка! – го пофали и мајката. – Ќе бидеш чудо од ветар. Сега знам што сме родиле. Но биди праведен, а не некој лош и никаков ветар.
Сега и тројцата гледаа кон големиот град. Беше чист.
Какви родители – такви деца. Па дури и да се обични ветрови.
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.