Секое семејство крие семејни тајни што другите не треба да ги знаат. Но, што се случува кога една долгогодишна тајна е толку вешто криена?
„Страв од вистината“ е мешавина од неколку жанрови кои се испреплетуваат во дејствието. Мистеријата со која авторот го придвижува читателот расте со секоја наредна страница. Возбудлив заплет, во кој главната јунакиња цело време е во потрага по вистината која ужасно сака да ја дознае. Смета дека заслужува да ја знае целосната вистина по која трага цел живот. Зарем не заслужува секој да ја знае вистината за сопствената животна приказна?
Спојот на мистерија, драма, трилер елементи како и романса, се одлична симбиоза за опис на речиси филмскиот живот на главната протагонистка. Читателот е постојано во фаза на погодување што би било следно, но тешко дека лесно може да се предвиди изненадувачкиот пресврт. Александар Николовски вешто си поигрува со фантазијата, имагинацијата и нервите на читателот. Од причина што речиси до самиот крај е неизвесна конечната вистина. Од неа се плаши и оној што ја крие, и таа што сака да ја дознае. Но велат вистината ослободува. Дали ќе биде тоа случај и во овој роман, треба да го прочитате за да дознаете.
Дали односот на Маја со нејзиниот татко ќе го оправда негативниот „епитет“ што таа постојано му го препишува откако ќе ја открие вистината? Семејна приказна со сосема неочекуван и непредвидлив пресврт. Токму ова беше причината поради која книгава ја оценив со повисока оцена.
Играта со зборови на авторот му оди одлично исто како што си поигрува со трпението на читателот. Вистината се открива постепено, благодарение на активностите на Маја. Помошта што ќе ја побара и одговорите што ќе ги добие ќе ја одведат до крајната разрешница. Со внимателност за да не биде откриен некој клучен момент или детаљ, ви препорачувам да го земете ова книжевно дело и да го прочитате.
Мистериозноста што се проткајува низ страниците му дава еден посебен печат на целото дело. Најверојатно таа ќе биде асоцијацијата која ќе се поврзува со „Стравот од вистината“.
Зошто вистината некогаш може да биде толку страшна и поради која причина таа се крие цело време? Дали може да се живее со тајни и до кога тие остануваат сокриени? Живеењето со лаги е товар најмногу за оној кој ги кажува, ги носи со себе и со кои мора да се бори секојдневно. Дали главната јунакиња ќе биде задоволна од одговорот по кој трагаше? Кои пресврти ќе ѝ се случат во целиот процес, прочитајте и дознајте.
Оцена 4.5/5
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.