Занимливости и информации Мотивација

Неуспехот нека биде само еден попатен чекор до успехот, не смее да ве поколебува!

Доживеавте неуспех? Честитам, тоа значи дека сте се обиделе. Неуспехот значи дека вие се борите за да постигнете нешто. Тој значи дека сте излегле од комфор зоната, дека сте пробале да направите нешто за себе. Сте пробале да направите некаква промена, иако не излегло накрај според планираното.

Сепак, бидете горди на себе што сте од оние кои не стојат во место. Вие се движите во одредена насока, со голема веројатност дека некогаш и ќе паднете. Но тоа паѓање значи дека треба да се исправите и да продолжите понатаму. Секој неуспешен чекор значи дека сте најмалку еден степен поблиску до вашиот конечен успех. Колку и да звучи ова контрадикторно, премногу е вистинито.

Сите што успеале на некој начин да постигнат нешто во животот, ја знаат вистинитоста на истото. Ја доживеале на своја кожа. Бидејќи повеќе и од јасно е дека ниту еден успех не доаѓа како подмачкан, глатко и без главоболки. Попатните неуспеси, грешни, избрзани одлуки, па и некои нешта што не се по ваша вина, сите тие се составен дел од процесот кој води до успешни крајни резултати.

Поентата е да се ужива во процесот додека трае, да не се поколебува човек за ништо, сè додека може да ја пронајде силата во себе. Ветете си на себе дека ќе останете силни и издржливи по секоја цена. Барем тоа си го должите на себеси. Ако не на себеси, на вашите најблиски што сакаат да ве гледаат како успевате. Или за оние што не веруваа во вас, што ве потценија во одреден период од животот, кои не сакаат да ве гледаат успешни, постигнете го успехот.

Кога ќе видат каде сте стигнале, ќе им биде криво што не верувале во вас. А, тие што на некој начин ви помогнаа да не успеете? Заблагодарете им се. Бидејќи да не биле тие сопки поставени пред вас, вие немаше да станете толку силни какви што сте сега. Очите не ќе ви беа отворени толку многу, без тие пречки животното искуство немаше да ве направи мудри.

Имате сила во себе да продолжите после секој пад. Волјата за понатаму мора да е присутна во секое време. Дури и ако на моменти ви изгледа дека ја нема никаде. Кога ќе размислите подлабоко за сè околу вас, за сите нешта што ви се случиле – сфаќате дека работите имаат смисла. Дека ништо не било случајно, последиците се резултат на сите претходни акции што ним им претходеле.

Само на еден начин можеме да влијаеме на нашето неизвесно минато – со она што го правиме СЕГА, во овој момент. Токму сегашниот миг е оној што знаеме дека го имаме сигурно, односно дека сме присутни во него целосно. Во тој истиот сегашен момент знаеме дека треба да се обидеме да направиме нешто. На овој начин ги менуваме идните настани, со одлуките што ги правиме денес.

Одлучете дека ништо не може да ве спречи во остварување на вашите соништа. На почеток доволно е силно да верувате во ова. Ништо нека не ве поколебува. Не се сомневајте во вашите избори. Тие се составен дел од вашиот пат. Како што знаете дека ништо само од небо нема да падне – продолжете понатаму. Движете се, дури и кога мислите дека нема смисла. Ќе ја пронајдете подоцна, тука е таа, скриена некаде во некој агол.

Тие што никогаш не доживеале неуспех, никогаш не се ни обиделе да успеат. Бидете горди на сите ваши порази, за еден ден уште повеќе да се гордеете на вашите бројни успеси!

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје