Skip to content

Девојчето со кибритчињата – приказна која може да допре до сечија душа

,,Девојчето со кибритчињата”, е дело на Ханс Кристијан Андерсен. Тоа е приказна со длабоко значење, која упатува многу силна и срцепарателна порака. А самиот крај, има моќ да ви го скрши срцето и да ви ги насолзи очите…

Таа година зимата била многу остра. Во текот на последната ноќ од старата година провејувало снег. Иако било мошне студено и темно, едно кутро девојче сè уште талкало пo улиците.

Била боса и без капче на главата. Кога излегла од дома била обуена во папучите на мајка си, кои биле преголеми за неа, па ги изгубила претрчувајќи ја улицата помеѓу две кочии.

Едната папуча ја изгубила, a другата ја однело едно момче, кое од папучата направило лулка за својата кукла.

Иако била боса, девојчето продолжило да чекори по снегот.

Нозете ѝ биле помодрени од студ. Во раката стискала кибритчиња, а кибритчиња имала и во искинатото фустанче.

Цел божји ден никој не купил ниту едно кибритче, ниту пак некој ѝ дал пари. Гладно и премрзнато, девојчето продолжило да оди.

Снегулките паѓале пo нејзината долга руса коса, која во убави локни се спуштала по нејзиниот врат.

Таа немала време да размислува за убавината, ниту за студеното време, зашто прозорците биле осветлени, а мирисот на печена мисирка се ширел во воздухот.

Новогодишна ноќ била во полн ек и на девојчето само тоа му било на ум.

Седнала и се стуткала во еден агол, но залудно. He можела да си ги стопли ножињата.

Дома не смеела да си оди. Сè уште немала продадено ниту едно кибритче, a во џебот немала ниту скршена пара. Нејзиниот татко ќе ја натепал поради тоа, но и дома било студено исто како надвор.

Девојчето живеело во таванска соба, па и покрај тоа што најголемите дупки на покривот биле затнати co слама и co крпи, ветрот и понатаму фучел и се провирал низ дупките, исто како да се на отворено.

Прстињата ѝ биле вкочанети од студ.

Можеби ќе можела малку да ги стопли кога само би смеела да запали едно кибритче. Извадила едно и го креснала од ѕидот. Ох, колку топол и сјаен бил пламенот!

На девојчето му се присторило дека седи покрај голема железна печка во која огнот весело поигрувал. Девојчето ги испружило и ножињата за да ги стопли и нив, но огнот изгаснал.

Печката исчезнала, а измрзнатото девојче седело само покрај студениот ѕид.

Запалила уште едно кибритче. Сега ѝ се сторило како да седи под прекрасна божиќна елка, поголема и пораскошно накитена од сите што скришум ги имала видено низ подотворените врати на богатите трговски куќи.

Илјадници свеќи светеле од гранките, а малите шарени фигурки, кои порано ги гледала во излозите, ја гледале од елката. Девојчето ги испружило рацете кон нив, но кибритчето изгаснало.

Свеќите на елките и понатаму гореле, сè посјајно, исто како ѕвездите на небото. Потоа една ѕвезда почнала да паѓа оставајќи зад себе огнена трага.

– Некој умира – рекло девојчето. Нејзината покојна баба, единствениот човек на светот што бил добар co неа, еднаш ѝ кажала дека кога паѓа ѕвезда, некоја душа заминува при Бога.

Девојчето запалило уште едно кибритче. Во пламенот јасно го видела лицето на нејзината стара баба, секогаш нежна и мила.

– Бабичке! – извикало девојчето. – Земи ме co тебе! Знам дека ќе ме оставиш кога ќе догори кибритчето. Ќе исчезнеш како и онаа железна печка, вкусната печена мисирка и преубавата божиќна елка!

За да го задржи лицето на баба си пред себе, девојчето побрзало да ги запали преостанатите кибритчиња. Кибритчињата гореле како сјајно сонце.

Нејзината баба никогаш порано не била толку убава и толку висока.

Го зела девојчето во прегратка и заедно летнале, восхитени и среќни, високо, сè повисоко, далеку од студенилото, гладот и стравот, право кон Бога.

Девојчето го пронашле рано наутро, стуткано покрај ѕидот, co заруменети обравчиња и co насмевка на лицето. Умрело од студ последната ноќ од старата година.

Новогодишното сонце го озарило малечкото тело на девојчето, кое седело co догорените кибритчиња.

– Сакала да се стопли – зборувале луѓето, но никој не знаел какви убави нешта видело девојчето, ниту во каква радост таа и нејзината баба ја дочекале Новата година.

Напишете коментар