Литература Проза

Богатиот старец

Во едно далечно село си живееше еден старец. Неговата трошна куќа едвај ги преживуваше врнежите и грмењето. Покрај тоа што куќата беше двојно постара од него, тој за неа многу убаво се грижеше. Исто како и за дворот надвор. Неговата минимална изнемоштеност не му пречеше за да му посветува огромно внимание на надворешниот дел.

Сите цвеќиња, дрвја и ограда наоколу беа рамномерно распоредени. Како да беа садени и растени по калап. Ниту милиметар не можеше да застрани ниту гранче, ниту коренче. Стариот не беше перфекционист во животот со ништо, освен со уредувањето на градината.

Синовите и ќерките го напуштија, внучињата речиси и да не му го знаеја ликот. Сите нив ги имаше само по неколкупати видено. Тие знаеја за постоењето на дедото што живее премногу далеку, но немаа желба да го видат. Душата го болеше премногу за ова. Покрај имањето фамилија беше приморан да се чувствува како самец. Небаре куќичката беше толку недостапна, што барем еднаш во месецот никој не можеше да го посети.

Не беше во прашање далечината, колку желбата да го видат. Не се важеа телефонските разговори или комуникацијата преку интернет. Тој не ни знаеше како да работи со нив. Оставен сам на себе, се помири со сопствената судбина. „Барем таа да беше жива, ќе ми правеше друштво“, си помислуваше секоја вечер кога ќе го совладаа емоциите.

Тогаш една солза му се спушташе по должината на образот. Градината ја одржуваше беспрекорно убава бидејќи нејзе ѝ вети. Пред таа да почине се заколна дека ќе ја одгледува до неговиот последен здив. Не промаши ден, а да не го исполни ветувањето. Си разговараше со цвеќињата, им збореше на зеленилата околу себе кога ќе ги полеваше. Правеше букет еднаш во месецот, и истиот го носеше на гробот на покојната му жена.

Дури и после пет години од нејзиното заминување не ја прекина традицијата. Кога ѝ ги носеше цвеќињата си зборуваше со гробот. Му зборуваше на каменот, но беше убеден дека таа може да го слушне од некаде. Му беше полесно да го мисли тоа. Иако длабоко во себе знаеше дека се лаже сам.

Пензијата иако скромна му беше доволна за живот, но немаше каде да ја потроши целата. Долго размислуваше, и му текна дека може да прави изработки од дрво.

Кога беше дете од татко му научи како се обработува дрвото, па кога се сети дека може да се обиде во тоа, го обзеде неизмерна среќа. После долго време нема веќе да се чувствува безвредно и бескорисно. Одлучи дека ќе почне со најосновното, ќе прави дрвени столчиња, а ако му тргне ќе направи и голема маса. Потоа и други интересни изработки.

За да започне имаше сè што му беше потребно. Се занимаваше така веќе некое време, и после три месеца во неговата скромна работилница имаше веќе цел мебел од дрва. Нешто од него искористи за во дворот, а нешто одлучи да подари на некому што му треба. Така започна традицијата на поклонување дрвени изработки.

За дедото што изработува нарачки по желба од дрво, и истите ги подарува, се расчу низ цело село. Гласините стигнаа и во градот. Така во селото кај него доаѓаа заинтересирани луѓе да се уверат дека тоа што го слушнале е вистина.

Кога ќе видеа колку е квалитетно изработено, и за сè што ќе му побараа никому не земаше скршен денар, самите му носеа производи и храна што мислеа дека му се неопходни. Сакаа да му се оддолжат. Тој со неговата скромност нерадо ги прифаќаше компензациските добра.

Пари не примаше, велеше дека не му требаат. Па така место пари добиваше нови чевли, некои му носеа и рачно изработени алишта што ќе му одговараат. Луѓето си ги плаќаа порачаните маси и столици со пет килограми овошје или три кила различен зеленчук.

Се случуваше размена на добра. Кога го прашуваа зошто не го наплаќа трудот, тој велеше дека кога луѓето се задоволни тоа за него е најголема добивка. „Барем ќе ме помнат по нешто, секогаш кога ќе ги видат столиците и масата ќе се сетат кој ги направил“, низ тажна насмевка зборуваше со комшиите.

Старецот што стана главен и прочуен мајстор за изработка на дрвен мебел имаше сè што му треба, освен најглавното – љубов од своите чеда. „Ништо не ми вреди целиот град што дошол да порача нешто, кога тие што треба да ги гледам почесто не дошле со години“, си мислеше во себе.

Сепак тој не им се лутеше, знаеше дека се зафатени иако ништо не можеше да го оправда нивното однесување. Голем човек беше бидејќи во себе имаше прошка за секого. Имаше уште поголемо и великодушно срце што не знаеше за себичност.

Богатиот старец имаше духовно богатство, нешто што никогаш не може да се стекне со пари. Даваше без да очекува нешто за возврат, а најмногу добиваше благодарност и почит во големи количини. Ништо повеќе не му беше потребно. Освен уште еднаш да ги види своите деца и внуци, пред да ја напушти земјата.

Наталија Наумовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје