Литература Македонска поезија Поезија

Љубовна – Анте Поповски

Анте Поповски е роден во Лазарополе на 3 јуни 1931, а починал во  Скопје на 1 октомври 2003 година. Тој е македонски поет, есеист, препејувач, публицист и политичар.

Во секој стих и во секој наслов, поетот со трепет и надеж се наведнува над секоја тема, оставајќи ни толку стихови во кои удира пулсот, а неговото поетско писмо се движи во просторот меѓу стравот и надежта. Неговата песна речиси никогаш не се оддалечува од природата и сведочи за исконската поврзаност на човекот со елементарното, а неговите песни се проткаени со свеста за заедништвото.

Неговото творештво е многу богато, но ние ви издвоивме една прекрасна песна од Анте Поповски.

Љубовна

Пред да се раздени
За неа беше разденето
Пред да се стемни
За неа беше стемнето.
Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
И го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
Полни чинии поставуваше пред нас
И ништо не ја возбудуваше.
Ние ќе ѝ покажевме камена птица што лета
Таа ќе речеше: Да тоа сум јас,
Птица во окото на сонцето!
Ќе ѝ принесевме сини цветови што ги брал
Aлександар Македонски покрај Златна река
Таа ќе речеше: Тие цветови веќе сум ги носела в пазуви!
И секогаш
и секогаш молчеше.

Велеше, сѐ што имам да речам си го реков себеси
Право е на другите да си молчат за својата судбина
Не постоеше ништо што можеше да ја возбуди.

Цел живот верував дека е жена
Не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје