Skip to content

Нови возбуди

Седеше сама. Немаше никој на кој може да ја раскаже возбудата што ја дава големиот град. Во душата носеше некоја радост и топлината на летната вечер ја омалуваше. Сакаше да ја открие возбудата на големиот град, да отиде некаде каде не била, да види нешто што го нудат само големите градови како оној во кој живееше.

Но, само колку грешеше. Возбудата не носеше радост, носеше само немир и чувство на неисполнетост. Отуѓеност од самата себе. Не можеше да сфати дека мирот може да го најде во себеси. Го бараше во другите. Дури и во предметите.

Се шеташе низ долгите булевари бесцелно и не чувствуваше замор. Влезе во една галерија која до сега ја немаше забележано.  Ги знаеше сите галерии во градот, ги посетуваше постојано и се прашуваше како е можно да не  ја забележала?

Влезе внатре. Немаше многу луѓе, можеби и изложбата не беше на некој познат уметник, или немаше доволно реклами низ социјалните медиуми. Не беше тоа важно, важно и беше да купи нешто од галериската продавница.

Тоа беше тоа, нејзината опседнатост со галериски  сувенири. Купаваше од секоја посетена галерија, секој посетен музеј еден сувенир, кој постојано го посматраше со часови кога ќе го донесеше дома. Тие предмети и беа како амајлија и ѝ даваа некоја чудна сигурност.

Наоѓаше инспирација да слика. Никој не знаеше за овој нејзин скриен талент кој го потиснуваше длабоко во себе.

Во продавницата виде еден прекрасен пар обетки, изгравирани со еден од портретите на уметникот.

– Имал и свои музи – си помисли, – впрочем како и секој уметник.

Мораше да ги има.

– Колку се обеткиве, ве молам? – го запраша учтиво продавачот.

– 150 денари – доби кус одговор како и секогаш.

– Ќе ги земам, но сакам само да ги погледнам.

– Повелете.

– Хм, многу се убави. Повелете, плаќам со картичка.

– Во ред, благодарам.

– Пријатно.

– Пријатно и убав ден, ви благодарам уште еднаш.

Имаше обичај да ги стави обетките одма после купувањето. Ги стави и се упати кон блиската метро станица. Седна во преполниот вагон и отиде далеку со мислите. Возбудата престана да ѝ расте и чувствуваше мала сигурност носејќи ги обетките, како да носеше некоја неостварена креативна енергија.

Тогаш ги сретна неговите очи. Тогаш, во тој момент започна нејзиниот вистински немир и сфати што сè може да донесе возбудата.

Животот ѝ се смени кога ја запраша:

– Девојката на обетките потсетува на Вас, дали можеби тоа сте вие?

Стана девојка кои ќе ги памети тие црни очи целиот живот, дека возбудата која ја бараше остава траги на срцето кои не се бришат цел живот.

Сепак, возбудата значеше живот. А животот беше пред неа, полн со нови возбуди.

Напишете коментар