Вашиот глас Литература Македонска поезија Поезија

Прво поетско објаснување – Анастасија Лефкоска

Да се заљубиш во неа е исто како да ја бркаш сенката на пламенот,

како да го молиш каменот за прошка за грев несторен,

како секоја вечер да легнуваш рано, стануваш касно и уморен.

Да ја љубиш неа е како да се мешаш на масата на бесмртниците,

како да бараш смисла во бесмисленоста на уметниците.

Да ја љубиш неа е горко и болно ко куршум загноен во душата.

Да ѝ веруваш, е тоа е друга приказна,

прилично е уверлива,

убиствена,

полна со самодоверба но никогаш умислена.

Да ѝ веруваш значи да веруваш и во сите светски религии,

во сите богови, ѕверови, изроди, извори на мудрости, реликвии и излечени болести,

да ѝ веруваш значи да веруваш во повисока сила неа што ја создала

и при секој чекор нејзин ја злати земјата под нејзините стапала,

да ѝ веруваш значи да си неверник и бестрашен,

од пеколот никако исплашен зошто знаеш дека пеколот ради неа на крај

ќе ти биде дом тогаш кога ќе потонеш за последен пат во вечниот сон.

Да зборуваш со неа е просветление без ниту еден искажан збор,

да ти се насмее пропејуваат ангели хор.

Да те допре е екстаза,

нејзините зборови се балада,

очите синило – зеленило

усните црешово вино во постела од зрели малини покриено,

да се опиеш од неа е чиста нирвана, рајска градина само за тебе создадена,

рајска градина со голи самовили растрчани,

со светулки ноќни засветлени,

со сите божји изгубени љубовници прегрнати.

Да легнеш до неа е исполнување на смислата на животот,

со години потоа да посакуваш да ти останат нејзините лузни на вратот.

Да ѝ пишуваш е чест во еден од три животи,

да ѝ ја истуриш душата низ сите пори,

да не можеш да разликуваш вистина од фикција,

да ѝ пишуваш е исто како неа да ја носиш како среќна белезија.

Да ѝ пишуваш цел живот

и пак да не биде доволно,

да ја гледаш како се смее

и да заборавиш на сѐ што ти е во животот болно.

А да ја изгубиш е тоа е како да си го губиш патот,

како да се губиш себеси во мракот,

како да бараш дома а не знаеш дома без неа кај е,

да трчаш и луташ додека првиот петел не пропее,

да ја изгубиш е како ноќта студена да ти трае илјада години,

и штом знаеш дека ти е судена сите да останат неброени.

А да ја пронајдеш пак,

е исто ко да си ја пронашол смислата на твоето раѓање,

одговорот и благословот на секоја твоја тежина и паѓање.

Да ја пронајдеш е како првпат да вдишуваш,

како првпат ко лудак страници и страници да испишуваш,

да ја пронајдеш во тоа мрачно небо

каде само од шумата на волците се слуша екот,

значи да разбереш што всушност е таа,

не е една ѕвезда туку илјада.

Да ја пронајдеш значи да сфатиш дека покрај неа

сите рудници на светов да ги поседуваш нема да вредат ниту еден цент,

зошто таа не е една ѕвезда во милион

туку целото “Ѕвездено небо” на Винсент.

Долги врнежливи ноќи поминати читајќи ја од Петре “Дениција”,

редно беше да излезе и една моја приказна.

Од “Дневникот на една будала”

Автор: Анастасија Лефкоска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје