Во прекрасни рамки,
направени по нарачка,
ќе го красат ѕидот
совршено вклопувајќи се
како небото и ѕвездите
или темните облаци и дождот.
Персонализирани,
зад нивниот изглед
спијат неколку приказни,
спомени што беа доживеани
но и такви што допрва
треба да се доживеат.
Минималистички навидум,
но богати во фантазијата,
на набљудувачот му нудат
употреба на имагинација
за да ги доживее,
да ги раскаже во себе,
да ги разбере и да им се восхитува.
Таа чекаше да дојде денот кога
грижата ќе биде заменета со смеа,
кога дождот ќе ги измие сите страдања
и насмевката ќе ѝ го краси ликот.
Не се плашеше од тага,
не бегаше од неа
беа стари пријателки,
но се прашуваше до кога ќе чека
таа да си замине?
Чекаше да дојде денот
кога ќе се појави некој
со кој би го дочекувале утрото,
со кого денот би личел на меден месец,
некој кој би ѝ се восхитувал
како таа што ги гледаше врамените фотографии.
Некој што ќе сака да ја гледа секој ден,
кому ќе му ја буди имагинатвноста,
кој ќе сака да ја ислуша секоја нејзина приказна,
кој ќе го разбере секој неизговорен стих
што останал заглавен на усните,
некој што ќе ја разбира со поглед.
Како што на пустината ѝ требаше капка вода,
мостот помеѓу недостигот и присутноста
чекаше да биде срушен,
за да се појави виножито
после бројните бури.
Трпеливо го очекуваше
пејзажот од животот,
исто онака како што фотографиите
со денови чекаа да бидат прикачени на ѕидот.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.