Колумни Литература

За првпат после долги години училишното ѕвонче не се слушна на денешен ден

Во претходната колумна зборував дека со целата пандемија околу Ковид едни од најоштетените се учениците и студентите. Една од последиците на којашто мислев е поврзана токму со насловот на колумнава.

За првпат можеби (ако не грешам) и после минимум цел еден век училишното ѕвонче не се слушна на први септември. Јасно е дека ова никој не го очекуваше, ниту можеше да го предвиди. Меѓутоа уште појасно е дека постои збунетост кај пошироката популација.

Едни од најзасегнатите се родителите коишто треба да одлучат дали ќе ги праќаат децата на училиште со физичко присуство или ќе сакаат нивните деца да следат онлајн настава. Дел од нив беа на средба во владата за да ги искажат ставовите за или против онлајн следење на часовите.

Некаде околу средината на месецов на интернет кружеше петиција исто од страна на родителите за да се одржува онлајн настава. Како што може да се забележи, нивните ставови се поделени, и истите им се добро аргументирани.

Што е со наставниците и просветниот кадар? Се поставува прашањето дали тие се целосно подготвени за двата вида или за комбинирана настава. Факт е дека за снаоѓање во вакви непредвидливи “состојби“ никој не завршил факултет. Ниту па некој од нас бил на обука за да научи како треба да постапува.

Како што родителите покренуваат петиција за децата да не следат настава со физичко присуство, од друга страна анкетите покажуваат дека наставниот кадар е неподготвен. А родителите немаат позитивно искуство со онлајн наставаta. Главниот момент е што учениците треба да имаат позитивно искуство со ваквиот вид на настава.

Што не треба?

Дека не треба целиот товар да паѓа ниту само на наставниците, на образовниот кадар, ниту само на родителите. Децата одеднаш беа впуштени во онлајн учење, беа принудени да ги користат компјутерите повеќе за следење на часови, испраќање домашни отколку за компјутерски игри. Ова од една страна не е лошо, ако се земе во предвид технолошкиот развој, добро е да се снаоѓаат со технологија уште од мали нозе.

Но од друга страна, претераното седење пред екранот, намалената физичка активност, како и отсуството на примарна социјализација со врсници, носи други последици кои првично не се видливи.

Дополнително на ова, треба да се земат во предвид децата од ранливите категории кои немаат услови за компјутер и интернет. Исто така, треба да се поработи на тоа во најкраток можен рок за да им се обезбедат потребните услови за да можат да ја следат онлајн наставата.

Посебно на оние што не можат да патуваат до училиштето, и одбрале да не бидат физички присутни, а ги немаат ниту основните услови за живот. Токму на ваквите деца и семејства во овие кризни времиња треба да им се обрне внимание. За жал, кај нас ваквите постојат и ги има во прилично добар број. Затоа, сметам дека новите министри и министерки, посебно за образование и социјална работа и политика, ќе имаат прилично голема работа околу овие прашања.

Знам дека тие и те како се свесни за овие проблеми, но најискрено можам само да се надевам дека ќе успеат да ги решат во најбрз можен рок. Довербата на народот не би смееле да ја изгубат токму во вакви клучни моменти. Сега е време да се покажат зошто се избрани. Толку на темава.

Кој е заклучокот?

Пандемијата ги отвори картите, на површина ги изнесе сите реални проблеми со кои се соочува македонскиот народ. А потоа и остатокот од светот.

Никој не остана имун на промените, ниту незасегнат. Средношколците вчера протестираа за да има регуларна настава во училиштата. Како што може да се види од страна, постојат поделени ставови по истото прашање. Дел се за еден вид следење на часовите, дел се за друг. Консензус? Комбинирана настава и секој да може да одлучи кон која ќе се приклучи.

Овде поголемиот дел од тежината паѓа на образовниот кадар и надлежните институции. Тие ќе треба да ги обезбедат потребните услови за работа и непрекинато одвивање на предавањата. Досега верувам дека работеле на истово и дека имаат веќе комплетни “шеми“ на дејствување.

Во полза на сите, да се надеваме само дека работите полека ќе се враќаат во нормала. Навидум изгледа наивно да се мисли дека може магично да се реши целата состојба, дека вирусот брзо ќе исчезне, но надежта мора да постои. Знаеме дека нема да си замине преку ноќ како што реално настана. Можеме само да продолжиме да почитуваме мерки бидејќи делумно од сите нас зависи како ќе се справиме понатака. Потребна ни е колективна дисциплина, рационално размислување, намалена паника и контролирање на анксиозноста. Можеме да го постигнеме ова, само ако здравјето секогаш го ставаме на прво место.

Наталија Наумовска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје