Skip to content

Едни од најоштетените со целата пандемија се учениците и студентите

Повеќе и од јасно е дека сите бевме изложени на ризик, и уште сме. Уште повеќе од јасно е дека сите трпиме некакви последици од пандемијата. Економијата страдаше, многу бизниси се затворија или се пред колапс, многу работници останаа од работа или променија начин и услови на работа. Списокот е предолг. Одредени бизниси пак почнаа да напредуваат на сметка на сето тоа. За просветата не знам од каде да почнам. Ако ги оставиме градинките настрана, училиштата и академските клупи останаа без ученици и студентите. Беа празни речиси 3 месеци, а наставата ја префрлија онлајн. Или барем се обидуваа да одржуваат таков вид настава.

Што покажа ова? Дека некои од наставниците не се снаоѓаат убаво со компјутерите и не знаат да ги користат апликациите и алатките што им беа потребни за работа. Не се тие целосно виновни, патем никој од нив ниту замислувал дека ќе дојде таков период. И ќе се појави таква потреба и начин на предавање.

Со појавата на Ковид многу нешта испливаа на површина, се согледаа повеќето работи од поинаква перспектива. Се учеше секоја досега ненаучена животна лекција. Имаме уште за учење, но мора да научиме да живееме со присутноста на вирусот. Под тоа се подразбира дека треба да продолжиме да внимаваме. Соодветни заштитни мерки првенствено поради себе, потоа за најблиските, и сите со кои сме во контакт.

Анксиозноста, стресот, и депресијата беа во значителен пораст во светски рамки. Сосема оправдано. Луѓето беа принудени преку ноќ да се навикнуваат на промените услови и начин на живот. Потребата од психолошка помош секојдневно станува поголема. На луѓето им треба поддршка во кризни ситуации. Треба да знаат дека не се сами, дека некој ги разбира. Исто така и дека некој друг се соочува со истото.

Што се случуваше во образовниот систем кај нас? Пропусти: пропуштени предавања и часови, неразработен материјал квалитетно и во целост. Токму поради тоа што учениците уште од Март се чувствуваа како да се на распуст. Но, децата имаат право да се чувствуваат така. Првпат се соочиле со таква ситуација, потполно е нормално и очекувано нивното лежерно однесување.

Некои родители едноставно не знаеја како да им објаснат дека школската година продолжи да тече, во домашни услови. Некои пак им објаснија, но некои деца ќе го сфатат тоа правилно, некои од нив нема. Не се тие виновни што нивните наставници се однесуваат незаинтересирано и не знаат да работат во Team viewer, или да држат онлјан предавање со сите потребни алатки.

Но виновни се родителите што им пишуваат домашни работи на нивните деца, правејќи ги паразити. Виновни се што не успеале да им стават до знаење дека не се учи само на училиште. Дека наставата треба да се следи и од дома, дека обврските не се прекинати со неодење на час.

Сепак, останува да важи тврдењето дека учениците и студентите се едни од најоштетените, во повеќе аспекти. Во држава каква што е нашата, не ни очекувам дека за неколку дена одговорните институции ќе донесат некои клучни решенија и насоки. Ќе биде тоа еден мини-експеримент каде што децата ќе појдат директно во оган, ни криви ни должни.

За никој од нив да не губи година, ќе пробаат да копираат некој германски систем на одржување на настава. Само забораваат дека германските услови и нашите се различни до немајкаде. Се обидувам да замислам траење на час во училница од триесеттина минути каде наставникот/професорот ја контролира ситуацијата со петнаесет ученици. Што за време на кратките одмори? Тие деца треба да јадат, треба да отидат во тоалет.

Кој ќе го контролира нивното однесување тогаш? Посебно помалата категорија ученици, до шесто одделение најмалку ја сфаќаат сериозноста на пандемијата. Можеби и ќе ја разберат доколку им се објасни, меѓутоа нема да можат да го исконтролираат нивното однесување. Не знаат да се заштитуваат себеси во целост.

Последните случувања околу викендашкото кампување во градиште и журките покажаа дека и малку постарите од нив не знаат да се чуваат. Значи вирусот продолжува немилосрдно да се шири. Луѓето како да се опуштија, па и покрај носењето маски не почитуваат правила за физичка дистанца. Оваа информација ја зборувам со целосна вистинитост бидејќи лично ја посведочив.

Не сум за дигање прашина и заплашување на луѓето. Најмалку за ограничување на нивната слобода. Само се прашувам со какви мерки ќе излезат од Министерствата за здравство и образование и наука. Какви соопштенија ќе произнесат сите институции инволвирани во донесувањето одлуки останува да видиме.

Сакам да верувам дека ќе бидат ефикасни мерки, дека ќе бидат успешно спроведени. Но скептикот во мене вели дека сме во Македонија, а со тоа следи дека теоријата и праксата тешко се поклопуваат. Исто така, се прашувам дали ќе имаме доволно капацитети за успешно спроведување на новите мерки и правила на однесување на ученици, и просветни работници?

Гледам дека на интернет се прават петиции за поддршка на онлајн настава. На повеќето наставници не им одговара ова, си го сакаат класичниот начин на предавање. Додека одредена група од нив сакаат онлајн да си ја вршат должноста, и се подготвени за тоа.

Не сакам да претпоставувам со колкав притисок се соочуваат одговорните во овој момент. Можеби и не чувствуваат никаков притисок во случај да не ги допира сето ова. Тогаш со сигурност може да се каже дека се крајно незаинтересирани, и дека не предвидуваат во каква опасност ќе стават илјадници деца и студенти. Оптимистот во мене вели дека сепак накрај ќе се најде некое решение.

Дека на крајот сè ќе испадне добро, дури и подобро од очекуваното. Секогаш има едно “ама“. Сите првпат се соочуваме со ова. Тоа значи дека ќе треба да се адаптираме на поинаков начин на функционирање. Почната е адаптацијата, на сметка на некои жртви што треба да ги прави секој поединечно.

Материјалот што ќе се пропушти може да се надополни, но никогаш не може да се спореди класична настава, со учење од дома. Јас сум за некоја комбинација од двете опции, но ризици постојат и во двата случаи. Така што не би знаела која би била најдобра опција со најдобри резултати. Сигурна сум дека ретко кој знае како да се постапи најдобро. Навистина сме исправени пред една тешка положба, речиси во “шах“ позиција за која не сме сигурни како ќе заврши партијата.

На крајот само би додала дека менталното и физичкото здравје на луѓето и децата е најважно. Сè може да се поправи, но изгубен живот не се враќа назад. Стискам палци за мудри решенија и одлуки. Од конечната одлука ќе зависи понатамошниот развој на настаните.

Наталија Наумовска

Напишете коментар