Детско катче Приказни за деца

Жива „река“ во библиотека – Киро Донев

Во најблиската куќа до училиштето во коешто учат Јане и Јана, живее еден чичко кој е писател.
Не само ним, ами на сите деца тој им е голем пријател! Како станаа толку големи пријатели? Всушност, тој воопшто за тоа и не е крив зашто пишува книги само за нив!

Покрај тоа, тој си има и богата семејна библиотека од која да се позајми книга не мора да се чека. За разлика од другите библиотеки, таа никогаш не е затворена. И возрасни и деца во неа постојано се навраќаат. Едни позајмуваат нова книга, други – прочитаната ја враќаат…

Така е секој ден. Секој може да стане нејзин член. Без разлика дали е ученик, работник или учител. Важно е – на книгите да е љубител. Денес Јане и Јана со целото одделение библиотеката на писателот ја посетија. Во чест на Месецот на книгата – цели два часа ѝ посветија!

На писателот му подарија букет цвеќе… Ах, само да видевте колку беше среќен!

– Благодарам дечиња! – им рече. – Вие сте жива „река“ во библиотекава што тече!

А гостите, второодделенците и третоодделенците кон него пружија рачиња. Тој почна со нив да се ракува и добредојде да им посакува. Цели два часа седеа и разговараа крај неговата работна маса. Го прашуваа за сè и сешто, а тој им одговараше мудро и вешто. На крајот, намерно или по грешка, писателот направи и една смешка:

– Кој сака да е голем колку мене, а јас колку него мал – сиве овие книги веднаш би му ги дал! Бидејќи сите одеднаш кренаа рака, не испадна како тој што сака!

Киро Донев
Извор: Списание „Другарче“ (2018)

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје