Многупати луѓето знаат да ги помешаат поимите психолог, психијатар, психотерапевт. Тие треба да се објаснат и да се прави разлика помеѓу нив. Можеби познавате некој во вашата околина кому му е потребна помош за да се избори со некој психички проблем. Или пак вие сте оној кому таа помош му треба. Ако не сте сигурни дали за својот случај треба да консултирате психолог, психијатар или психотерапевт прочитајте го текстов. Сите се занимаваат со менталното здравје, а се работи за различни професии.
Прочитајте во продолжение кои се главните разлики помеѓу нив.
Најјасна разлика е тоа што психологот и психијатарот имаат сосема поинакво образование и различни методи на делување. Психологот завршува психологија, а психијатарот студира медицина, после тоа специјализира психијатрија. Психијатарот пред сè е лекар, обучен за сите гранки во медицината во текот на основните студии, а после тоа се определува да се фокусира на менталното здравје и да се занимава на лечење ментални проблеми.
Психологот од друга страна не е лекар и не може да препишува лекови дури и ако е доктор по психологија. Меѓутоа, психологот се занимава само со човечкиот ум од почетокот на студирањето за потоа да оди на обука за спроведување психотерапија заснована на докази и да врши психолошка процена. Негови “лекови“ се првенствено разговор со пациентот. И психијатарот и психологот може да бидат психотерапевти, но денес сме сведоци на сè поголем број терапевти кои имаат завршено само некој повеќе или помалку сериозен курс.
Што прави психијатарот?
Психијатријата е медицинска гранка која се занимава со менталното здравје, а психијатарот пред сè е лекар кој специјализирал психијатрија. Тие работат во медицински установи, воспоставуваат медицински дијагнози и се задолжени за лекување на душевно болни и пациенти со различни видови психолошки тегоби. Првенствено тоа го прават преку медикаментозна терапија како и другите лекари, но поставувањето дијагноза е многу потешко отколку во другите медицински гранки. Психијатрите “доказ“ на болеста главно добиваат преку разговор и лична опсервација, а во предвид мора да земат најразлични фактори – од биолошко наследување до социјален контекст. Нарушувањата со кои се среќаваат се делат во две општи категории – психози и неврози.
Психозите или психотичните заболувања се тешки ментални нарушувања кои често имаат манифестации како нарушувања во перцепцијата на реалноста. Пациентите често не се свесни за својата болест која се манифестира преку халуцинации, некохерентен говор, параноично однесување. Невротичните нарушувања се депресија, фобија, анксиозност, панични напади. Пациентот е свесен за проблемите, но потребна му е помош за да се избори со нив. Третирањето на сите овие нарушувања вклучува употребна на медикаменти, но најчесто во комбинација со психотерапија.
Што прави психологот?
Психологијата е засебна наука, за однесувањето и менталните процеси, свесни и несвесни. Менталните процеси се внимание, учење, помнење, мислење, eмоции и мотивација. Во човечката личност овие процеси се организирани во специфичен склоп, така што однесувањето може да се објасни и предвидува. Како таква, психологијата е применлива во сите општествени сфери, а сосема е извесно дека сите барем еднаш биле кај психолог.
Психологот проценува дали детето е подготвено да оди на училиште, го испитува однесувањето на различни групи луѓе, а многу психолози работат со луѓе со различни психички или емотивни проблеми. Во тоа не користат медикаменти, туку исклучиво се занимаваат со психолошки третмани – разговор, психолошко тестирање, советување итн.
Што прави психотерапевтот?
Психотерапевти можат да бидат и психолозите и психијатрите, но и стручњаци од други области од хуманистичките науки (педагози, дефектолози), кои покрај своето основно образование завршиле едукација од одреден психотерапевтски правец. Сите психолози и психијатри воедно и психотерапевти, тоа се само оние кои завршиле одредена едукација.
Психотерапијата претставува вид психолошки третман чијшто основна цел е давање психолошка помош на луѓе кои имаат некои психолошки пречки. Работат со луѓе кои имаат некој вид животни кризи, емоционални проблеми, проблеми со комуникацијата. Или пак сакаат да го унапредат својот личен развој и да дознаат повеќе за себе. Во текот на едукацијата психотерапевтот поминува низ лична психотерапија и ги учи постапките со кои им се дава помош на луѓето со одредени проблеми.
Важно е да се напомене дека различните видови животни тренери (мотивациски говорници и слично) не спаѓаат во ниту една од овие професии ниту мораат да имаат образование од било кој вид.
Прочитајте во продолжение за психолшка траума (причини и последици).
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.